сабота, 26 октомври 2024

Затвореници од Гвантанамо признаа дека го планирале 11 септември и се изјаснија за виновни

Тројца мажи обвинети за планирање на терористичките напади на 11 септември 2001 година се нагодија со американските власти, објави американското Министерство за одбрана.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Калид Шеик Мохамад, Валид Мухамед Салих Мубарак Бин Аташ и Мустафа Ахмед Адам ал-Хавсави со години без судење се држат во базата на американската морнарица Гвантанамо на Куба, пишува Би-би-си. Според американските медиуми, мажите ќе ја признаат вината, а обвинителството ќе се откаже од барањето смртна казна за нив. Другите услови од договорот за признавање вина сè уште не се објавени.

Речиси 3.000 луѓе во Њујорк, Вирџинија и Пенсилванија беа убиени во нападите на Ал каеда на 11 септември 2001 година. Тоа беше најсмртоносниот напад на американско тло од јапонскиот напад на Перл Харбор на Хаваите во 1941 година, во кој загинаа 2.400 луѓе.

Спогодбата беше објавена во писмото што обвинителството го испрати до семејствата на жртвите, пишува Њујорк тајмс.

„Во замена за укинувањето на смртната казна како можна казна, овие тројца обвинети се согласија да се изјаснат за виновни за сите злосторства за кои се товарат, вклучително и за убиствата на 2.976 лица наведени во обвинението“, се вели во писмото од главниот обвинител, контраадмиралот Арон Руг.

Мажите се обвинети за низа злосторства, вклучително и напади врз цивили, убиства со кршење на законите за војна, киднапирање и тероризам. Се очекува тој официјално да ја поднесе својата молба до судот веќе следната недела, објави Тајмс.

Калид Шеик Мохамад нашироко се смета за архитект на нападот, во кој киднаперите запленија патнички авиони и ги урнаа во Светскиот трговски центар во Њујорк и Пентагон во близина на Вашингтон. Четвртиот авион се урна во поле во Пенсилванија.

Мохамад, инженер образован во САД, беше заробен заедно со Хавсави во Пакистан во март 2003 година. Обвинителите тврдеа дека тој му ја изнел идејата за киднапирање на водачот на Ал каеда, Осама бин Ладен, и подоцна помогнал да се регрутираат и обучуваат некои од киднаперите.

Тој беше подложен на многубројни „напредни техники на испрашување“, вклучително и „ватербординг“ најмалку 183 пати пред американската влада да ја забрани оваа практика.

Во своето писмо, адмиралот Руг напиша дека одлуката за прифаќање на договорот „не била донесена лесно“ и дека тоа е „најдобриот пат до правдата“.

Во септември администрацијата на Бајден, наводно, ги отфрлила условите за спогодбата за признавање вина со пет мажи што се држат во базата на американската морнарица на Куба, вклучувајќи го и Мохамад.

Мажите, наводно, побарале од претседателот гаранција дека нема да бидат чувани во самица и дека ќе имаат пристап до лекување.

Советот за национална безбедност на Белата куќа соопшти дека кабинетот на претседателот бил информиран за новиот договор и немал никаква улога во преговорите.

Џим Смит, чија сопруга загина во нападите, изјави за Њујорк пост дека семејствата на жртвите „чекале 23 години да дојдат на суд за да се забележи што им направиле овие животни на нашите најблиски“. „Тие ни ја одзедоа таа можност“, рече тој, додавајќи дека треба да добијат „највисока казна“ за нивните улоги.

И републиканците брзо ја нападнаа администрацијата на Бајден за постигнувањето договор со обвинетите. Водачот на малцинството во Сенатот, Мич Меконел, го осуди потегот како „одвратна одрекување од одговорност на владата да ја брани Америка и да обезбеди правда“. „Единственото нешто полошо од преговарањето со терористи е да се преговара со нив откако ќе бидат фатени“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ