Одборот за заштита на новинарите (ЦПЈ) соопшти дека „силно го осудува“ убиството и ја повика меѓународната заедница да го сопре „израелската неказнивост“ во смисла на убиствата на новинари.
Израел, кој негира дека намерно ги таргетира новинарите, не реагираше на обвинувањата на ЦПЈ.
Невладината организација истакнува дека минатата година е најфатална за новинарите во последните 30 години, со 126 новинари и други медиумски работници убиени во Газа, Либан и на Западниот брег.
Во денешниот напад на низа куќи во Хасбаја, град на југот на Либан, загинале двајца новинари на телевизиската мрежа Ал мајадин и еден новинар на Ал манара.
Ал мајадин е либанска сателитска информативна телевизија поврзана со Хезболах и Иран. Седиштето на телевизијата од јуни 2012 е во Бејрут. Ал манар е исто така либанска сателитска телевизија во сопственост на Хезболах.
На локацијата во Хасбаја во моментот на израелскиот напад имало 18 новинари.
Специјалната известувачка на Обединетите нации за слобода на мислењето и изразувањето Ирене Кан, поранешна адвокатка од Бангладеш, напиша на социјалната мрежа Икс дека „намерното убивање новинари е воено злосторство“.
Израелската војска соопшти дека неколку часа по нападот стигнала информацијата дека се погодени новинари. „Инцидентот се анализира“, соопшти израелската војска.