понеделник, 23 септември 2024

Захарова: Русија нема да учествува на „мировните самити“ за Украина

Русија нема да учествува на „мировните самити“ за Украина, тие немаат никаква врска со постигнување договор, кажа портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На тој начин ја искоментира изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за неговата намера во ноември да одржи втор „мировен самит“ и на него да ја повика Русија, пренесуваат руските агенции.

„Претставници на Русија не учествувале на никакви состаноци во рамки на таканаречениот мировен самит за Украина одржан во Швајцарија на 15 и 16 јуни и немаат ни намера да учествуваат“, истакна Захарова.

„Таканаречениот втор самит тежнее кон истата цел – да се протурка апсолутно неодржливата „формула на Зеленски“ како основа за решавање на конфликтот без алтернатива, да се добие поддршка од светското мнозинство и на Русија да ѝ се постави ултиматум за предавање. Ние не учествуваме на такви „самити““, додаде таа.

Според Захарова, Москва не се откажува од политичко и дипломатско решавање на кризата и спремна е да разговара за навистина сериозните предлози кои ја земаат предвид ситуацијата на теренот, новонастанатата геополитичка реалност и соодветната иницијатива на рускиот претседател Владимир Путин од 14 јуни.

„Без Русија и без водење сметка за нејзините интереси е невозможно да се постигне правично и одржливо решение“, истакна таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ