понеделник, 7 октомври 2024

Владата ќе ги укине сите лиценци за онлајн казина, најави Меџити од Њујорк

Во вторник се очекува да се донесат две владини одлуки, за укинување на сите лиценци за онлајн казина и за некомпромисна борба против организирање на казино бизнисот на црно, изјави денеска во Њујорк вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, во пресрет на изминувањето на 100 дена од новата Влада. Тој односите меѓу коалициските партнери ги оцени како коректни и рече дека дека нормално е да има различни размислувања, но дека Владата има демократски и политички капацитет да го реши тоа.

Објавено на

часот

Сподели

„Би ги оценил како коректни. На почеток сме на поставување на работите и нормално е некаде да има различно размислување, но уште еднаш ќе потенцирам дека Владата има демократски и политички капацитет тоа да го реши со самиот факт што од деведесетите до сега, е Влада со најголем број пратеници на мнозинството 78 и со многу други пратеници кои со една нога се веќе дел од мнозинството“, изјави Меџити од Њујорк каде присуствува како дел од македонската делегација на Неделата на Обединетите Нации.

Вицепремиерот смета дека тие се придржуваат на тоа што го кажале во текот на кампањата против бизнисот со казината, јави дописникот на МИА од Њујорк.

„Веќе имаше укинување на еден спорен договор на Лотарија на Македонија. Во вторник се очекува да се донесат две одлуки – една за укинување на сите лиценци за онлајн казина и третата точка ќе биде некомпромисна борба против организирање на казино бизнисот на црно, кој што не е проблем само за нашите граѓани туку и во регионот. Второ, интензивна е борбата против корупцијата, бескомпромисна, незаборавајќи на постулатите дека не треба да биде реваншизам, не треба да биде моноетничка, туку треба да биде праведна и сите оние кои се огрешиле да одговараат пред законот“, рече Меџити во изјава за медиумите во Њујорк.

Имаше, вели тој, во овие 100 дена одлуки со кои покажале и докажале дека за коалицијата Вреди најважната инвестиција е човечкиот фактор, посочувајќи притоа на одлуката што беше донесена на владина седница за универзитетскиот кампус Мајка Тереза од 35 милиони евра.

Заложбите на оваа Влада, вели Меџити, е зајакнување и на децентрализацијата која, како што вели, е столб и на Охридскиот договор и европска вредност.

„Оваа Влада почна со ветувањата, ќе додели сресдтва на општините без разлика на нивната политичка припадност или боја, врз основа на метологија по број на жители на сите општини и врз основа на идеи и проекти што веќе ги имаат доставено. Оваа година ќе бидат 100 милиони евра, а во наредните по 250 милиони евра. Во еден мандат околу милијарда евра. Не застануваме тука, туку во рамки на ЗЕЛС веќе се преговара за нова фаза на фискална децентрализација што е системско решение за зајакнување на децентрализацијата оти во краен случај општинската власт е најблику до граѓаните и најлесно може да ги реши нивните проблеми“, рече Меџити.

Тој вели дека Законот за бранители предложен од пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска е провокација и дека нема да се донесе.

Според Меџити, слична провокација е и иницијативата за враќање на споменикот на Ќосето на кружниот тек кај трговскиот центар Ист Гејт Мол и хотелот Континентал во Скопје.

Во рамки на посетата на Њујорк, вицепремиерот Меџити заедно со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која ја предводи државната делегација на Генералното собрание на ОН, и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, беа во посета на Граѓанскиот центар Дибра, во рамки на кој функционира џамија, во Фригхолд, Њу Џерси во која се собираат иселеници по потекло од дебарско. Претходно, Меџити и Сиљановска Давкова беа и во црквата Свети Никола во Тотова, исто така во Њу Џерси, на литургија и на средба со дијаспората.

Меџити вели дека ваквиот начин на комуникација со дијаспората укажува на нов пристап и јасна порака за нова интерпретација на работите.

„Разговаравме и за проблемите со кои се соочуваат на граничните премини и за други проблеми што сакаме да им ги олесниме и да ги решиме, но дадовме и јасна порака дека ова е нов почеток, нова влада и нова интерпретација на работите. Затоа, заедно со претседателот на државата и со министерот за надворешни работи ја посетивме црквата Свети Никола па потоа заедно бевме и во Исламскиот културен центар каде не пречекаа дебарчани. Ова беше добра порака и до нив и до граѓаните дека ова е нов почеток и почитување на различните вредности“, рече вицепремиерот Меџити.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ