Станува збор за луксузно издание, на македонски и на словенечки јазик, илустрирано од реномираниот уметник Боге Димовски, кое ги обединува сите препејувачи кои во текот на последниве шест децении го препејувале Шопов на словенечки јазик.
Во присуство на голем број посетители, стихови од Шопов читаа Соња Цекова Стојаноска и Намита Субиото, раководителка на Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, кој ја организа промоцијата во соработка со Сојузот на македонските културни друштва од Словенија, издавач на книгата.
Иницирана во јануари 2023 ггодина, во рамките на 3-та Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, книгата е објавена во годината кога се навршуваат осум децении од прогласувањето на македонскиот јазик за службен јазик во современата македонска држава и од објавувањето на првата поетска книга во слободна Македонија, „Песни“ од Шопов.
Првиот говорник на промоцијата беше Бранислав Тасков, претседател на Сојузот на македонските културни друштва од Словенија, кој во рамките на одбележувањето на 30 години постоење ја издаде книгата „Златен круг на времето“, со финансиска поддршка од спонзори и од Јавниот фонд за културни дејности на Република Словенија.
Потсетувајќи дека ова е прва книга од ваков вид издадена надвор од границите на Македонија, бидејќи во неа, покрај ликовните дела на академскиот сликар Боге Димовски кој живее во Крањ, се застапени повеќе генерации преведувачи на Шопов, Тасков изрази надеж дека ваквата пракса ќе продолжи и дека овој проект ќе послужи како пример во иднина.
Промоцијата беше уметнички збогатена со настап на музучкиот квартет Маја Кастратовиќ (пијано), Зоран Митев (фагот), Даниела Радевска (вилолончело) и Вероника Стојаноска (фагот).
Македонскиот амбасадор во Словенија, Горан Милевски, го почна своето обраќање со стихови од „Очи“ од Ацо Шопов, привлекувајќи го вниманието на публиката кон влогот на поетот во остварувањето на сонот за македонска држава, како и кон улогата што книгата „Златен круг на времето“ објавена во Словенија може да ја одигра во образованието на младите генерации.
Книгата ќе им овозможи на Македонците што живеат во Словенија да го читаат Шопов и на словенечки и на македонски, а на оние што послабо го владеат мајчиниот јазик, да се доближат до оригиналите преку словенечкиот јазик, како што забележа министерот за култура Зоран Љутков.
„Ова квалитетно издание, кое е двојазичен избор од неговата поезија, на словенечки и на македонски, и во кое се помесетни како постари така и најнови препеви на поезијата на Шопов, придонесува за голема афирмација на македонскиот јазик, овде во пријателска Словенија, изјави Љутков. Горди сме на поединците од македонската културна средина како што е Ацо Шопов. Токму поради ваквите личности, во светот моќно одекнаа силината и убавината на македонскиот поетски збор“, заклучи министерот.
За македонските личности од ковот на Шопов, кои се истакнале како на литературното така и на дипломатското поле, говореше заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски. Потенцирајќи ја успешната мисија на Ацо Шопов во Сенегал, Гамбија и Мавританија, во периодот од 1971 до 1975 година, тој забележа дека „таа и денес претставува вистински предизвик за анализа и несомнен пример за исклучително успешна дипломатска работа“. Станува збор за „еден од најдобрите примери на културна дипломатија“, истакна заменик министерот, кој го претстави Шопов како еден од „стожерите на македонската култура и на нејзината достоинствена и репрезентативна промоција во светот“.
Кон значењето на промоцијата на македонската култура во светот се осврна и Иван Антоновски, кој ја претставуваше фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, во својство на нејзин прв стипендист. Цитирајќи познат стих од Шопов, Антоновски изјави дека „Златен круг на времето“ е капитално издание не само за македонската култура, и не само за мостовите меѓу македонската и словенечката култура, туку и за поезијата и за културата воопшто, со кое денес, „Македонија е во светот, а светот во Македонија“ преку Словенија.
„Секогаш кога се соочуваме со различни напади или негирања, не само творештво од форматот на она на Шопов, туку и едно вакво издание коешто преку препевите на неговата поезија го потврдува и интересот и посветеноста на македонскиот јазик во странска јазична и културна средина е не само одбрана, туку и најсоодветна негација на негациите“, истакна Антоновски.