петок, 1 ноември 2024

За Пендаровски е прифатливо во Македонија да се лекуваат ранети украински војници

Идејата за отворање на центри за рехабилитација на ранети и повредени украински војници, но и деца во земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, начелно е прифатлива за нас, но потребна е конкретна разработка на деталите, што ќе биде во надлежност на владите од земјите кои ќе земат учество во програмата, велат од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски по првичниот предлог на премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.

Објавено на

часот

Сподели

На новинарско прашање дали има пристигнато официјално барање и дали ова прашање е разговарано на седница на Советот за национална безбедност, за тоа какви би биле импликациите по националната безбедност, од Кабинетот на претседателот, информираат дека станува збор за првичен предлог од страна на премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, со оглед на тоа дека тие две држави веќе имаат искуство и капацитети за рехабилитација од воените дејствија во 1990-те.

„Идејата, начелно, е прифатлива за нас, при што е потребна конкретна разработка на деталите, што ќе биде во надлежност на владите од земјите кои ќе изразат согласност да земат учество во оваа програма“, се вели во одговорот од Кабинетот на Пендаровски.

Идејата балканските држави, вклучително и Македонија, да помогнат во рехабилитацијата на деца и војници од воените зони во Украина, како што објави на Х (твитер) претседателот на Украина Володомир Зеленски, била дискутирана на средби со претседателите на Северна Македонија и на Црна Гора, Стево Пендаровски и Јаков Милатовиќ, на самитот Украина – Југоисточна Европа што се одржа во Тирана на 28 февруари годинава.

Во објавата на Зеленски, по средбата со Пендаровски, се вели дека го информирал претседателот Пендаровски за моменталната ситуација на бојното поле и за одбранбените потреби на Украина, како и дека изразил благодарност за целата политичка поддршка и јасниот став за иднината на Украина во НАТО.

„Ја истакнав важноста од учеството на Северна Македонија во спроведувањето на Формулата за мир и подготовката за првиот Глобален самит за мир во Швајцарија. Посебно внимание посветивме на можноста за формирање центар за рехабилитација за ранетите украински војници и украинските деца со помош на балканските држави“, се вели во објавата на Зеленски на Х (твитер).

Во соопштението од Кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски, по средбата со Зеленски во Тирана, во рамки на учеството на самиот Украина – Југоисточна Европа, беше соопштено дека двајцата претседатели разговарале за последниот развој на случувањата во Украина и можностите за продлабочување на соработката во насока на поддршка на украинскиот народ и враќање на територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признаени граници.

„Претседателот Пендаровски го реафирмираше ставот дека Северна Македонија од самиот почеток силно ја осудува агресијата на Руската Федерација врз Украина која претставува повреда на Повелбата на ОН и принципите на ОБСЕ. Воедно, претседателот ја поздрави одлуката на Европскиот совет за отворање на преговори за членство на Украина во ЕУ и истакна дека Северна Македонија, како земја-членка на НАТО, останува посветена на политиката на отворени врати и ја поддржува апликацијата на Украина за членство во Алијансата“, се вели во соопштението од Кабинетот на Пендаровски по средбата со Зеленски.

Хрватска во 2023 година, со одлука на Владата прими ранети Украинци и ги згрижи во своите здравствени установи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ