понеделник, 28 октомври 2024
Реакции на годишното обраќање на шефот на државата

За опозицијата празно и бледо, за власта државничко е обраќањето на претседателот Пендаровски

Во зависност од тоа дали се партии од опозицијата или од власта такви беа и денешните оценки на политичките субјекти за годишното обраќање на претседателот на државата, Стево Пендаровски во Собранието. 

Објавено на

часот

Сподели

Обраќањето на претседателот Пендаровски во Собранието е празно и полно со флоскули наменети претежно за СДСМ каде ќе одлучуваат дали тој ќе биде или нема да биде повторно кандидат за претседател следната година, изјави пратеникот од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски по завршувањето на годишното обраќање на шефот на државата, Стево Пендаровски.

Недржавнички одлуки на штета на граѓаните

Милошоски рече дека Пендаровски ја релативизирал позицијата во која била донесена државата. 

„Се работи за претседател кој како политичар велеше дека тој што ќе го смени името ќе му ја вадиме душата, па потоа гласаше да се смени името и Уставот ветувајќи дека ќе се отворат европските врати, за денеска повторно да ја релативизира позицијата во која не донесе Владата, а тоа е ќорсокак на преземени обврски кои не можат да ги испорачаат“, изјави тој.

Смета дека денешното обраќање на претседателот Пендаровски во Собранието ќе биде и негово последно на оваа функција.

Во однос на критиките од власта упатени кон ВМРО-ДПМНЕ за процесот за пристап кон ЕУ рече дека тоа е знак оти власта се подготвува за опозиција. 

„Кога власта ја обвинува опозицијата за неуспесите за кои власта има капацитет да ги постигне или да не ги постигне, тоа е најдобар знак дека се спрема за опозиција. Со моменталната власт не можеше да се очекува подобра преговарачка рамка или меѓународни успеси“, истакна Милошоски. 

За Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) обраќањето на Пендаровски е блед, лично мотивиран обид да се прикаже во светлина и со достигнувања кои не биле остварени во текот на мандатот.

„Бројни кризи го следеа Пендаровски и при менаџирањето со истите тој не беше на висината на задачата што ја има. Потпишувањето на закони кои не беа во согласнот со Уставот, донесени со европско знаменце, или пак не беа прифатени од граѓаните, се показатели за со ништо поткрепениот елитизам со кој се наметнува како шеф на државата и без чувство за пошироките интереси во општеството. На меѓународен план не се решија евроинтеграциските проблеми, и, последователните вета кои и беа ставени на тој пат на Македонија, не преставуваа предизвик за Пендаровски да бара решенија за нивно отстранување или да влијае кај претседтели на пријателски и други држави. Дотолку повеќе што и тој е дел од директните виновници за евроинтегративниот дебакл на Македонија. Честите менувања на искажаните ставови што беше одлика на настапите на Пендаровски влијаеше на стабилноста на државната политика и на сфаќањата на граѓаните за стабилноста и безбедноста на државата. Врз основа на бројни показатели и оценки од граѓаните Социјалистичката партија на Македонија го оценува мандатот на Пендаровски како неуспешен и со тоа тој не заслужува да се надева за уште еден“, оценуваат од СПМ.

А од Европскиот сојуз за промени уште пред обраќањето на Пендаровски, неговата петгодишна работа ја оценија како мандат без резултати.

„Го слушнавме многупати како зборува за мултиетнички вредности, но тој жестоко реагираше против химната на албанското знаме на албанските собири. Го слушнавме стотици пати како зборува против корупцијата, но неговиот молк и незаинтересираност го натераа повеќе да наликува на неговиот претходник. Го слушнавме како зборува за демократски вредности и интеграција, но не го слушнавме да каже ниту збор за прашањето за опозиционерот во ДИК. Тој молчеше и за скандалозниот извештај за напредокот. Имаше многу зборови за правдата, но молчи за притисокот врз претседателот на Врховниот суд. Она што тој им го должи на граѓаните за објаснување е дека плановите за враќање на Груевски му биле склопени во кабинетот и тоа тој го чувал и криел од граѓаните. Дополнително, тој мора да го објасни и својот став против поддршката на Александар Вучиќ на изборите во Србија, што претставува исклучително голем проблем за Албанците во Македонија“, велат од Европскиот сојуз за промени. 

Пратеникот од Беса, Фадил Зендели, по годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски во Собранието, изјави дека се разочарани што шефот на државата не се изјаснил за потребата од комплетирање на Државната изборна комисија (ДИК), оценувајќи дека со тоа испратил порака оти изборите можат да бидат многу спорни и нелегитимни. 

„Од претседателот на државата денеска очекувавме да се изјасни и по нашиот предлог за член на Државната изборна комисија (ДИК). Имајќи во предвид дека можеби ќе биде еден од кандидатите за наредните претседателски избори, а ќе имаме и парламентарните избори, а со оглед дека ДИК е некомплетна, очекувавме претседателот јасно да се изјасни дека ДИК треба да се комплетира согласно Изборниот законик и тоа што ни го налага правото. Но, тој не се изјасни по ова прашање и поради тоа сме разочарани“ Зендели.

Во оценката на говорот на Пендаровски, Зендели истакна дека имало само констатации што сите ги знаеле. Требало, како што рече, во вакви обраќања претседателот да каже и во која насока работите да течат и како да се разрешуваат.

„Ги знаеме блокадите кои ги имаме од претседателот на Собранието, Талат Џафери,  и тие се констатни и продолжуваат и ако претседателот Пендаровски остави таква порака дека ќе одиме на избори без комплетирана ДИК, тогаш пораката е дека овие избори можат да бидат многу спорни, нелегитимни затоа што ќе имаме ДИК која не го рефлектира она што законот го пропишува и она што го очекуваат граѓаните во нашето општество“, рече Зендели.

А, партијата Левица соопшти дека двајцата пратеници на оваа партија веќе трета година по ред, не присуствуваа на пленарната седница, на која се обрати претседателот Стево Пендаровски.

За нас, тој е невидлив претседател и како таков треба да биде третиран во законодавниот дом.  Нашите пратеници одбиваат да партиципираат во формалистичкиот театар на таканаречениот шеф на државата, кој ги одмолчи сите национал-шовинистички испади на нашите балкански соседи и божемни европски партнери –  за кои, сè почесто, во нивните јавни обраќања, стануваме ‘северномакедонски пријатели’. Сметаме дека еден ваков ситнодушест буржуј, кој сервилно го одмолчува секојдневното подигрување со инсигниите на македонската нација и негирањето на македонскиот јазик, нема ништо паметно да каже и затоа не го заслужува вниманието на нашите народни пратеници и на пошироката јавност. Пендаровски, познат по своите психички неурамнотежени испади на прес-конференции, по својот некреативен дрвен новоговор и апологет на невизионерскиот НАТО фундаментализам, никогаш не бил и нема да биде вистински прифатен како ‘татко на нацијата’. Тој ќе остане запаметен како промотор на антимакедонската сервилна меѓународна политика, која преку национално понижување на Македонците, Републиката ни ја направи протекторат на западните корумпирани елити. Неговото неминовно заминување од политичката сцена во 2024 година ќе биде катарза за нов почеток во водењето на современа, достоинствена и мултиполарна државничка надворешна политика, креирана од новата генерација храбри македонски политичари, со визија за еден нов и праведен свет“, сметаат од Левица. 

Пендаровски посочи на сите предизвици со кои што се соочивме

Бевме сведоци на државничко обраќање на претседателот, како претседател на сите граѓани, рече пратеникот од владечката СДСМ, Мартин Костовски на прес конференцијата по годишното обраќање на претседателот на државата во Собранието.

„Бевме сведоци на едно државничко обраќање на претседателот, како претседател на сите граѓани. Ги опфати предизвиците во изминатите години со фокус на клучните државни и национални цели-членството во НАТО и ЕУ. СДСМ го поздравува фактот што претседателот Пендаровски цврсто стои на ставот дека државата мора да опстои на европскиот пат и на прозападната ориентација затоа што тоа е нашата единствена алтернатива“, рече Костовски.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, коалициски партнер на СДСМ,  Арбр Адеми рече дека сите теми со кои сме се соочиле во последниве четири-пет години биле застапени во обраќањето на претседателот Стево Пендаровски. 

„Тоа што треба да се истакне и во оваа прилика се две прашања – одржување на добри меѓуетнички односи и одржување на европскиот курс на државата. Тоа се тие теми за кои се залага и ДУИ од своето формирање па до денес. Треба да направиме сѐ за да ја задржиме Северна Македонија на европските шини, така што и излагањето на претседателот во насока на уставните измени оди во тој прилог“, рече Адеми. 

Според него, не само од наредниот состав, туку и во овој состав треба да се направат титански обиди за да успее усвојувањето на уставните амандмани имајќи предвид дека друга алтернатива нема освен зачленување на Македонија во ЕУ.

„И секако тука се разликуваат тие што имаат државнички пристап, кои мислат за следните генерации и тие вообичаени политичари кои мислат само како да добијат еден глас повеќе на следните избори без да водат сметка за општиот интерес на граѓаните“, рече Адеми. 

Додаде дека се согласуваат со претседателот дека членството во НАТО е една од најзначајните одлуки, како и дека обврска е на државата да ја зачува поддршката за ЕУ. 

Пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците денеска оцени дека во претседателот Стево Пендаровски тие имаат сојузник во нивниот ангажман во борбата против корупцијата и криминалот и за реформирање на судскиот систем.

„Значи, експлицитно претседателот кажа тоа што ние сме кажале не еднаш туку десетици пати и преку што нашиот министер за правда исто така се залагаше. Ова е моја констатација“, рече Снопче. 

Изрази задоволство што Пендаровски во обраќањето пред пратениците апелирал до следниот собраниски состав да се залага за заминување на сите обвинители и судии за кои има сомнежи дека несовесно ја извршуваат работата, што кореспондира и со нивното залагање.  

Снопче порача дека кога станува збор за меѓуетничките односи, Пендаровски во својот говор требало да го искаже својот став „за оттргнување на процентот 20 отсто со кој се дефинира албанскиот јазик“, да го спомене случајот во училиштето во Чашка, како и случајот со еколошкиот проблем и копањето во село Коњаре. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ