Во термоцентралата се забележани и камиони на фирмата Адастра, фирма во која еден од сопствениците е поранешниот директор на Шпаркасе Банка, Хрватот Саша Боко. Удели во оваа фирма имаат и компаниите Аваз Холдинг чиј управител е Осман Муртеза, поранешен инжењер во Трансмет и Би-Холдинг во сопственост на член на семејството на градоначалникот на општина Пласница, Алија Јахоски и неговиот брат, пратеникот на ДУИ, Исмаил. Сите фирми, освен К.С.А. на Смајлај, беа дел од шемата фирми кои според ДКСК учествувале во попречувањето на конфискацијата на имотот на Трансмет преку пресуда во случајот „Труст“. Од ЕСМ и ТЕЦ Осломеј на прашањата за К.С.А. и за АДАСТРА, посочија трета фирма која го одбила тендерот вреден околу шест и пол милиони евра, пренесе Телма.
„Во подружница РЕК Осломеј се изведуваат работни активности согласно договорот „Позајмиште на јаловина за санација на свлечиште и рекултивација на девастирано земјиште“ помеѓу Подружница РЕК Осломеј – АД ЕСМ и економскиот оператор Машинокоп ДООЕЛ – Кавадарци. Економскиот оператор согласно договорот достави барање за ангажирање на дополнителна опрема за извршување на работата, за што е издадена писмена согласност. Еден дел од дополнителната механизација (камиони) економскиот оператор ја има обезбедено под закуп со договор за отстапување од АДАСТРА“, одговорија од ЕСМ.
Во одговорот, пишува Телма, ЕСМ избегна да одговори на прашањето како камионите на К.С.А. односно на зетот на Ахмети се нашле во Осломеј. Инаку посочениот договор истекол пред два дена, но и тогаш и вчера камионите продолжиле да работат на терен. Во договорот е предвидено доколку не биде остварена набавката во реализираниот период, треба да се активира банкарската гаранција, но тоа не е можно затоа што и гаранцијата истекла на 3 октомври.
К.С.А. е формирана лани во јануари и за помалку од една година заработила над 12 милиони евра со профит од повеќе од два милиони евра. Фирмата е регистрирана за изградба на станбени и нестанбени објекти, но со новите зелени камиони влегува и во вносниот бизнис со ископ и прибирање јаловина во енергетските капацитети. На почетокот, покрај Смајлај, сопственик на фирмата е и Ерџан Сулкоски, кој исто така е дел од сопственичката структура на РКМ, фирма која за над 110 милиони евра продаде мазут на државната ЕСМ за потребите на електраната во Неготино.
Во јули, Сулкоски го раскина партнерството со зетот на Ахмети, а лидерот на ДУИ во интервју за „360 степени“ тврдеше дека не ги познава партнерите на Куштрим Смајлај.