Во обраќањето до граѓаните од Претседателството на Србија, Вучиќ рече дека очекува во јануари да се отвори „широка полемика“ за ова прашање.
„Србија не ја признава и нема да ја признае независноста на Косово. Нема да прифатиме никаков документ кој нè обврзува да го поддржиме и помогнеме членството на Косово во ОН, ниту краткорочно ниту долгорочно. Ние нема да прифатиме таква обврска“, изјави претседателот на Србија.
Вучиќ рече дека Белград ќе ги спроведе сите договори од дијалогот со Приштина на кои се обврза, но оцени дека косовскиот премиер Аљбин Курти не сака да спроведе ниту еден договор.
„Србија ќе го спроведе сето она што го кажавме на правилен начин, но го чекаме и формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО). Од лични карти до регистарски таблички, секогаш се трудевме да постигнеме компромис“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека од доаѓањето на Курти на власт, евидентирани се 454 напади врз Србите на Косово, оваа година забележани се 176 напади.
Вучиќ ја обвини Приштина дека сè уште ги крие наодите за киднапирањето на тројца Срби убиени во конфликтот со косовските сили во селото Бањска на 24 септември.