среда, 4 декември 2024

Кинеската амбасада во Вашингтон: Ниту САД, ниту Кина нема да победат во трговската војна

Кинеската амбасада во Вашингтон во понеделникот изјави дека „ниту САД, ниту Кина нема да ја добијат трговската војна“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова е реакцијата на Пекинг на заканата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека ќе воведе дополнителни царини од десет отсто за целиот кинески увоз кога ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, пишува Ројтерс.

„Во врска со американските царини за Кина, Кина верува дека кинеско-американската економска и трговска соработка е заемно корисна“, рече портпаролот на кинеската амбасада Лиу Пенгју.

„Никој нема да победи во една трговска или царинска војна“, рече тој.

Трамп рече дека ќе воведе царини додека Кина не го запре протекот на нелегални дроги, особено фентанил, во САД.

Тој го обвини Пекинг дека не прави доволно за да го запре протокот на илегална дрога што влегува во САД од Мексико.

„Додека ова не биде прекинато, ние ќе ѝ наплаќаме на Кина дополнителни десет отсто царини, покрај сите дополнителни царини, за сите нивни многубројни производи што доаѓаат во САД“, рече Трамп.

На азиските берзи се тргуваше претпазливо во вторникот по наводите на Трамп за зголемување на царините.

Трамп веќе вети дека ќе го прекине трговскиот статус на Кина на најпривилегирана нација и ќе воведе царини за кинескиот увоз од повеќе од 60 отсто, што е многу повисоко од оние воведени за време на неговиот прв мандат, потсетува Ројтерс.

Лиу во изјавата рече дека Кина презела чекори за борба против шверцот со дрога по постигнатиот договор меѓу американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг минатата година.

„Кинеската страна ја информираше американската страна за напредокот постигнат во американските операции против наркотици“, рече Лиу.

„Сето ова докажува дека идејата дека Кина свесно дозволила прекурсорите на фентанил (хемиското соединение потребно за производство на дрогата) да стигнат до САД е целосно спротивна на фактите и реалноста“, рече Лиу.

Главниот кинески обвинител во јуни ги повика своите службеници за спроведување на законот да се фокусираат на борбата против шверцот со дрога, додека Пекинг и Вашингтон претставија ретка заедничка истрага за дрога.

Набргу по состанокот на заедничката работна група за борба против наркотици во август, Кина објави дека ќе ги заостри контролите на три хемикалии потребни за производство на фентанил.

Покрај Кина, предмет на царините се Мексико и Канада, објави Трамп на својата социјална мрежа Трут сошл.

„На 20 јануари, во една од првите од многуте извршни наредби, ќе ги потпишам сите потребни документи за да им наплатиме на Мексико и Канада царини од 25 отсто за сите производи што доаѓаат во САД и нивните смешни отворени граници“, објави Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ