Претседателот на државата, Стево Пендаровски во обраќање на воведниот дел на конференцијата рече дека војната во Украина е најголемата закана за мирот и за европската безбедност, чијшто исход ќе влијае врз поредокот, не само на нашиот континент, туку и во меѓународните односи низ годините што доаѓаат.
„Војна што ќе покаже дали годините на демократски развој во Европа, по крајот на Студената војна, се попусто потрошени за реализација на една апстрактна идеја или, пак, демократијата сè уште е жилава и доволно силна да покаже отпорност кон ретроградните и авторитарни режими и предизвиците коишто тие ги создаваат“, истакна Пендаровски.
Пендаровски истакна дека оваа војна ќе покаже дали примената на сила ќе стане основниот принцип којшто треба да ја одредува природата на односите меѓу државите и во ова столетие или ќе остане на сила она што е запишано во Повелбата на Обединетите нации дека земјите членки се рамноправни меѓу себе, независно дали се мали или големи.
„Евентуалниот триумф на овој ретрограден принцип, излезен од архивите на минатите векови, би бил рецепт за трајна нестабилност во светот и враќање во едно не толку далечно минато кога геополитичките игри и интереси на големите беа далеку посилни од слободната волја на народите“, рече шефот на државата.
Поради ова, додаде Пендаровски, влогот на сиот демократски свет е огромен, а консеквенците од одбранбената војна којашто Украина денес ја води ги надминува нејзините граници.
За овие две години, како што кажа, сме сведоци на сета нечовечност на еден режим отсечен од реалноста, кој како да е излезен од најтемните времиња на европската историја од минатиот век, во целосен расчекор со реалноста на 21 век.
„Истиот тој режим којшто ги гази правдата и човечкото достоинство и во сопствената држава, којшто секојдневно ги прогонува, затвора и убива своите опоненти, се обидува да наметне визија за светот во кој деспотите, слични на нив, ќе бидат во позиција да ја одредуваат судбината на сегашните и на идните генерации. На патот на тие обиди, проследени со невидена бруталност, на првата линија на отпорот, веќе десетина години, стои херојскиот украински народ поднесувајќи огромна жртва и покажувајќи истрајност и постојана верба дека доброто може да го победи злото. Затоа, војната за слобода којашто Украина ја води денес е за праведна кауза, во името на сиот демократски и цивилизиран свет, којшто мора да продолжи да помага сè до целосно ослободување на Украина, просто затоа што во таа борба, сите ние, немаме право на пораз“, потенцира Пендаровски.
Ние, додаде тој, уште од првиот ден на агресијата се солидаризиравме и сочувствувавме со страдањата на милионите Украинци и бевме меѓу првите земји, коишто понуди воена, техничка и хуманитарна помош, којашот гласно се спротивстави на погазувањето на независноста, територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина.
Со отворањето на можностите за забрзана интеграција на Македонија и Албанија, со кандидатскиот статус и почетокот со преговорите со Украина и Молдавија, со отворањето на европската перспектива за Грузија, ЕУ покажува дека не е само економски сојуз или заеднички пазар, туку е сојуз на држави и нации кои споделуваат исти вредности – вредности на мирот, демократијата, солидарноста и меѓусебното почитување, истакна првиот заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
„Македонија е уште еден пример за важноста да се биде во сојуз како што е НАТО, но истовремено е пример дека нема мали и големи држави, туку има земји и народи кои ги негуваат солидарноста и сојузништвото и ги покажуваат на дело. Македонската нација, од првиот ден, застана заедно со украинската нација и со сите други сојузници во НАТО и во ЕУ, во борбата против агресијата, воените злосторства и непочитувањето на човековото достоинство и меѓународното право“, подвлече Маричиќ.
Тој речи дека Македонија има долга историја на соработка и пријателство со Украина. Двете земји, како што додаде, имаат слична историја, па и слична политичко безбедносна сегашност. Минатата година, потсети тој, на Украина ѝ донесе и кандидатски статус за членство во ЕУ, акт што „ние го поздравуваме и веруваме дека добро ќе соработуваме на европскиот пат на нашите две земји“.
„Поддршката за Украина не е трошок, туку инвестиција во иднината на една голема и храбра нација, но и инвестиција во нашата сопствена безбедност, стабилност и мир. Украина се бори за слободата и територијалниот интегритет на државата, но и слободата и мирот во целиот свет, посочи Маричиќ.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска порача дека Македонија не смее да заборави дека борбата која Украина е принудена да ја води за да ја зачува својата самостојност и територијален интегритет е и подалекусежна борба – борба за врвните принципи на човечноста, на хуманоста, на правото и на правдата.
„Сето ова што се случува на украинско тло е повторување на една стара лекција која човештвото никако да ја научи. Режим кој убива и туѓи и свои за да опстои, режим кој почива на длабока корупција, режим во кој владеат хирови наместо закани и во кој тесните интереси на малкумина имаат предност пред животот на милиони, таков режим неизбежно води кон деструкција и страдање. Сето ова не потсетува колку се важни демократските придобивки на цивилизацијата“, истакна Грковска во своето обраќање на конференцијата.
Таа напомена дека денеска ѝ даваме признание на Украина и за напредок во владеење на правото, имплементирање на антикорупциски политики во соработка со меѓународните партнери, затоа што и во вакви услови, фокусот и важноста на создавање на здраво демократско општество, почива на принципите на добро владеење.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, кажа дека Република Македонија останува да ја поддржува Украина сѐ додека тоа е потребно.
„Доколку Руската Федерација победи во Украина, следната станица е длабоко во Европа. А кој прво, ако не најранливите региони како што е Западниот Балкан? Па и мултиетничка Северна Македонија. И затоа ние мора да бидеме во поддршка на Украина“, рече Османи.
Украинската амбасадорка во државава Лариса Дир, пак, рече дека оваа војна не е војна само против Украина, туку и протов демократскиот свет и НАТО.
Техничкиот премиер Талат Џафери, преку видео обраќање изрази поддршка за Украина.
„Ние како Северна Македонија или народи кои живеат тука со векови, точно знаеме што значи да се бориш за слобода. Точно знаеме што значи да си на правата страна на историјата. Затоа се приклучивме со санкциите и надворешната безбедносна политика на Европската Унија, рече тој“, меѓу другото.
Џафери потенцираше дека Украина во оваа Влада има пријател и партнер.