„Владата донесе одлука 14 август да биде ден на солидарноста. Денот кога цела Словенија ќе застане заедно и кога секој од нас ќе го даде својот дел согласно своите можности“, објави Голоб на Инстаграм, пренесува РТВ Словенија.
Состојбата во Словенија полека се смирува, но сѐ уште постои опасност од лизгање на земјиштето, особено во Згорњесавињска, Корушка и Корушка Бела, соопшти словенечкиот јавен сервис.
Повеќе хеликоптери пристигнаа во Корушка бидејќи до некои куќи сè уште може да се стигне само со хеликоптер. Надлежните служби продолжуваат да ги отстрануваат проблемите во снабдувањето со електрична енергија, а според медиумите најмногу проблеми има во долината Горна Савиња, каде што 700 домаќинства сѐ уште немаат струја.
Многу патишта во земјата сѐ уште се затворени, особено во Савињско, Корушка и околу Камник.
На пругата Љубљана – Зидани Мост ќе важи прилагодениот возен ред се додека не се санираат штетите предизвикани од поплавите.
Словенечкиот премиер претходно изјави дека владата ќе одвои повеќе од 100 милиони евра само за обнова на инфраструктурата по поплавите.