сабота, 26 октомври 2024

ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ со поддршка за Гаши, ДУИ и ДПА молчат, Левица е против Албанец за претседател на Собранието

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред почетокот на конститутивната седница на Собранието изјави дека очекува предлогот Африм Гаши да биде претседател на Собранието да биде поддржан од сите што се потпишани за тој да биде прв човек на законодавниот дом. Пратениците од политичката партија ЗНАМ ќе гласаат за Африм Гаши, изјави претседателот на партијата, Максим Димитриевски. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и лидерот на ДПА, Мендух Тачи одбија да одговорат дали ќе го поддржат изборот на Гаши, а претседателот на Левица, Димитар Апасиев изјави дека нема да го поддржи изборот на Албанец за претседател на Собранието.

Објавено на

часот

Сподели

Во врска со изјавата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, дека ќе даде бланко поддршка за проектите доколку Африм Гаши не биде претседател, Мицкоски одговори дека Апасиев претходно имал понуда од ВМРО-ДПМНЕ да се придружи кон македонското национално единство.

„Димитар Апасиев имаше бланко понуда да се придружи кон македонското национално единство, тој одлучи повеќе да се посвети на правењето планови каде ова лето ќе ужива, дали на Хургада, дали на некоја друга грчка плажа“, рече Мицкоски.

Пратениците на Левица нема да го поддржат Африм Гаши од Алтернатива да биде претседател на Собранието. Лидерот на партијата Димитар Апасиев пред почетокот на конститутивната седница изјави дека тие не би дале поддршка Албанец да биде претседател на Собранието.

На прашање зошто не сакаат Албанец да биде претседател на Собранието, Апасиев рече дека е противуставно да се зборува на друг јазик освен на македонски кога се заседава со седници.

„Затоа што е противуставно да се зборува на друг јазик освен на македонскиот кога се заседава со седници“, дополни Апасиев.
Пратениците од политичката партија ЗНАМ ќе гласаат за Африм Гаши, изјави претседателот на партијата, Максим Димитриевски.

Димитриевски му посака успех на новиот собраниски состав.

„ЗНАМ очекува од овој парламентарен состав многу. Верувам дека како потенцијален партнер во идната власт ќе дадеме свој придонес со нашето политичко делување бидејќи веќе сериозно разговараме за имплементација на дел од нашите програмски определби во идната владина програма и владин состав“, рече Димитриевски.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со разговорите за новата Влада, Димитриевски рече дека сѐ уште немаат договорено никакви кадровски решенија.

„За нас во втор план се поделбата на власта и министерските позиции, во прав план е сето она што го ветивме во предизборниот период“, рече Димитриевски.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и лидерот на ДПА, Мендух Тачи одбија да одговорат дали ќе го поддржат изборот на Гаши.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ