вторник, 26 ноември 2024

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Антоанета Димовска во УО на Академијата за судии и јавни обвинители, како и одговорност од Судскиот совет

Партиите реагираат на именувањето на членови во Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители од редовите на членовите на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, наведувајќи дека таквиот избор е спротивен на законот. На таквата незаконитост во изборот на членови на УО на Академијата за судии и обвинители, вчера реагираше партијата Левица, а денеска од ВМРО-ДПМНЕ се бара оставка од новоимениваната членка на УО на академијата, Антоанета Димовска, како и одговорност од целиот Судски совет.

Објавено на

часот

Сподели

„Пред недела дена, на 24 октомври, спротивно на закон, Судскиот совет за член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, наместо судии, ја назначи Антоанета Димовска, која истовремено е член на Судскиот совет.

Според Членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, се забранува избрано или именувано лице истовремено да врши функција на член на орган на управување во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал. А, токму членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се избрани и именувани лица и не можат да вршат функција во органи на управување како што е Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Тоа е флагрантно кршење на законските прописи“, се наведува во реакцијата и барањето на ВМРО-ДПМНЕ.

Во партијата имаат впечаток дека на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители како да не ним е грижа за ниската доверба на граѓаните, па со свои постапки продолжуваат да ја поткопуваат и така ниската доверба во правосудните органи од само 2 отсто.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Антоанета Димовска, освен што е назначена спротивно на законот  за членка на УО на академијата, сметаат дека треба да се напомене и дека е сестра на пратеничката на СДСМ, Снежана Калеска Ванчева.

„ Дали роднинските врски со членови на СДС бил мотивот на Судскиот совет да го прекрши законот и Антоанета Димовска да ја назначи за член на УО на Академијата за судии и јавни обвинители? Одговор треба да дадат и од СДС и да кажат, која е нивната улога и дали се вмешани во овој избор? Освен одговори, потребно е Димовска да си поднесе оставка од незаконски добиената функција, а Судскиот совет да понесе колективна одговорност за противзаконскиот упад во системот“, прашуваат и порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Подоцна, во текот на денешниот ден, пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, МИле Лефков, барањето за одговорност го прошири и на Советот на јавните обвинители.

„Советот на јавни обвинители, исто како и Судскиот совет, изврши класичен упад во Академијата за судии и јавни обвинители. Советот на јавни обвинители, наместо за член на УО на Академијата да назначи јавен обвинител, тој назначил свој член, директно кршејќи го чл. 44 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси со кој се забранува избрано или именувано лице да биде во орган на управување во државен орган или лице кое располага со државен капитал.

Советот на јавни обвинители за член на УО на Академијата ја назначил Душица Димитриеска, која е претседател на Советот на јавни обвинители.

Советот на јавни обвинители, не смеел да ја назначи својата претседателка за член на УО на Академијата за судии и обвинители.

Душица Димитриеска, покрај тоа што е претседател на Советот на обвинители е и во тесна врска со СДС. Имено нејзината ќерка Ема Нешкоска е член на Советот на општина Гостивар од редовите на СДС, а беше и кандидат за пратеник од редовите на истата партија на последните парламентарни избори.

Советот на јавни обвинители исто како и Судскиот совет продолжуваат да работат на уривање на правосудството и имиџот, односно угледот на истото кај граѓаните.

Го повикуваме Советот на јавни обвинители да го отповика својот предлог за УО на Академијата. Во спротивно колективно го крши законот, за што треба да има одговорност“, порача Миле Лефков.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ