вторник, 22 октомври 2024
СИПРИ

„Влегуваме во еден од најопасните периоди во човековата историја“

Објавено на

часот

Сподели

Истражувачите од стокхолмскиот Институт за мировни истражувања СИПРИ предупредуваат дека сите нуклеарни сили го форсираат нуклеарното вооружување. Во својот годишен извештај тие предупредуваат на сѐ поголем број оперативни нуклеарни оружја. СИПРИ прави разлика меѓу оперативните и вкупните залихи на нуклеарно оружје: во вкупните залихи спаѓа и постарото нуклеарно оружје и оружјето наменето за разградување, односно расходување, пренесува Дојче веле.

„Влегуваме во еден од најопасните периоди во човековата историја“, рече директорот на СИПРИ, Ден Смит, повикувајќи на обновување на „нуклеарната дипломатија“ и зајакнување на меѓународната контрола над нуклеарното оружје.

Во извештајот на СИПРИ се забележува дека девет нуклеарни сили – САД, Русија, Велика Британија, Франција, Кина, Индија, Пакистан, Северна Кореја и Израел – продолжуваат да ги модернизираат своите нуклеарни арсенали. Од почетокот на 2022 година до почетокот на 2023 година, според процените на СИПРИ, глобалните залихи на нуклеарни боеви глави се намалиле за речиси 200 парчиња, на околу 12.512 – но бројот на оперативните нуклеарни оружја се зголемил за 86 парчиња, на околу 9.576.

Помала транспарентност

Русија и САД во состојба на готовност држат 2.000 боеви глави. Тие се монтирани на ракети или во воени бази заедно со бомбардерите. Според истражувачите на мирот, Русија и САД заедно поседуваат речиси 90 отсто од целото нуклеарно оружје.

Нивните арсенали останале стабилни во текот на 2022 година, иако транспарентноста е значително намалена по почетокот на војната против Украина. Дури и британската влада во 2022 година јавно не го објави бројот на нуклеарното оружје што го поседува.

Директорот на СИПРИ Смит истакна дека зголемените залихи не може да се оправдаат со војната во Украина бидејќи сега е потребно повеќе време за развој на нови боеви глави. Покрај тоа, земјите со најголем пораст на нуклеарното оружје не се директно погодени од војната.

Значително зголемување на нуклеарното оружје во Кина

Најголем пораст – 60 нови нуклеарни боеви глави – бележи Кина, која ги зголемила залихите на нуклеарни боеви глави од 350 на 410. По неа следуваат Русија (12), Пакистан (5), Северна Кореја (5) и Индија (4).

Истражувачите од СИПРИ очекуваат нуклеарниот арсенал на Кина да продолжи да расте, така што до крајот на деценијава земјата би можела да има барем толку интерконтинентални балистички ракети колку што имаат САД или Русија.

Во 2022 година Индија и Пакистан, исто така, воведоа и продолжуваат да развиваат нови видови нуклеарни носачи. Индиското оружје сега е дизајнирано за подолг дострел и може да достигне цели низ цела Кина, претпоставуваат истражувачите.

СИПРИ со загриженост ја забележува генерално засилената реторика на државите за важноста на нуклеарното оружје. И Северна Кореја, исто така, продолжува да ја гледа својата воена нуклеарна програма како централен елемент на својата безбедносна стратегија. Истражувачите проценуваат дека земјата досега има произведено околу 30 боеви глави и има доволно материјал за и до 70 боеви глави.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ