сабота, 19 октомври 2024
Со измените на КЗ застаре „Таргет-Тврдина“ во делот за прислушувањето

Влегоа во приватноста на граѓаните, излегоа од одговорноста со политичка одлика

„Таргет-Тврдина“, клучниот предмет поради кој ѝ се формираше Специјалното јавно обвинителство денес застаре за кривичните дела кои се однесуваа на прислушувањето. Со одлука на судијата Илија Трпков од Основниот суд Скопје 1, а со измените кои беа направени во Кривичниот Законик кој ги намали казните за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување, од кривична одговорност за ова дело ослободени се обвинетите Горан Груевски, Сашо Мијалков, Надица Николиќ, Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски и Васил Исаковски. Оние кои беа обвинети дека ја соголеа приватноста на околу 20.000 граѓани нема да одговараат пред лицето на правдата. Со ова застаруваат кривичните дела за нелегалното прислушување за предметот, а во судница остануваат обвинетите што се опфатени со делот за ништење на опремата, кои исто така може да застарат.  

Објавено на

часот

Сподели

Над 600 илјади прислушувани разговори уште се чуваат во сеф во зградата на згаснатото СЈО, а треба да се уништат кога ќе завршат случаите во кои се користат како материјални докази. Речиси 200 илјади од нив се приватни разговори кои кои од правен аспект немаат никаква важност. Сите разговори заедно во СЈО ги предаде тогашниот премиер Зоран Заев кој ги нарече „бомби“.

За нив сега нема кривична постапка, а оваа постапка за „Таргет-Тврдина“ беше клучот кој требаше да ја отвори вратата на довербата во правосудниот систем, на довербата дека граѓаните имаат право на приватност и дека никој нема право да ги следи и да ги прислушува без налог и без сомнеж за кривична одговорност.

Во овој бомбастично најавуван предмет како еден од најголемите, сведочеа бизнисмени, банкари, адвокати, професори, десетици новинари, односно над 200 сведоци и оштетени. Од неколку илјади до 10 милиони евра беа сумите кои оштетените ги бара како отштета од овој судски процес, но сега ниту ќе може да се жали, ниту да наплатат што некој им го повредил правото на приватност оти со последната одлука на судот. нема кривично дело.

Првото рочиште за овој случај беше закажано за 22 декември 2017 година, а првиот сведок беше испитан речиси една година подоцна, односно во ноември 2018 година. Клучниот предмет на згаснатото СЈО, а и предметот во кој граѓаните гледаа заштита на приватноста денес пукна како меур од сапуница.

„Како и во другите два претходни случаи на прислушување и во овој, за жал нема да имаме кривично правна разрешница и повторно нема да има одговорност за незаконското прислушување во државата. Имаме комплетна застареност, што е директна последица на измените на Кривичниот законик“, изјави денес јавната обвинителка Ленче Ристовска, за случајот „Таргет-Тврдина“. 

Откако Судот на денешното рочиште донесе решение за запирање на кривичната постапка за случајот за „Таргет-Тврдина” во делот на незаконското прислушување поради настапено застарување на делата, обвинителката Ристовска, во изјава за медиумите појасни дека во моментов се уште не е застарен делот од предметот којшто се однесува на уништување на опремата за прислушување.

„Обвинети за овој дел од оние кои се во судница се Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, а во бегство се Никола Бишковски и Горан Груевски и имаме за фалсификување на исправа уште една обвинета, тоа е Валентина Симоновска. Овде се уште не е застапена застареноста, но секако измените од КЗ ќе имаат импликации, бидејќи рокот е скратен и консеквентно и за тоа прети можност од застарување и на овој дел“, појасни Ристовска. 

На следното рочиште за предметот, појасни Ристовска, нема да се појават Сашо Мијалков, Надица Николиќ, Маријан Шумоликовски, Илија Исаковски, Силвана Златкова и Владимир Марелов.  

Прашана за тоа кој ќе ги плаќа штетите за прислушувањето со ваква правна завршница на предметот, Ристовска вели дека трошоците за кривичната постапка паѓаат на товар на Буџетот. 

„Трошоците за кривичната постапка, што би рекла, трошоците што ги имале обвинетите за нивните адвокати, трошоците што настанале по повод вештачењето итн., сето тоа паѓа на товар на Буџетот и она што е најважно и лицата кои биле оштетени од незаконското прислушување и трошоците за нивно обесштетување повторно паѓаат на товар на државата“, посочи Ристовска. 

Финансиските импликации што ќе ги предизвика овој предмет врз Буџетот на државата, според обвинителката, не се воопшто занемарливи.

Импликациите што ќе ги предизвикаат овие измени на КЗ, според Ристовска, допрва како општество ќе ги почувствуваме.  

Собранието на 6 септември годинава ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан. Ден потоа претседателот Стево Пендаровски одлучи да го потпише указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик

„Со измените во Кривичниот законик, усвоени од Собранието, не е предвидена амнестија за кривичните дела сторени во вршење на службата. Напротив, казни и понатаму се предвидени за сторителите на тие дела, со тоа што со овие измени акцентот е ставен и на т.н. проширена конфискација на имот. Во тој дел измените на Законикот се усогласени со eвропската Директива за замрзнување и конфискација на предмети и имотна корист, која освен казната затвор, фокусот го става на одземањето на имотната корист од сторителите на овие кривични дела“, соопштија во септември од кабинетот на Пендаровски. 

Измените предизвикаа реакции во јавноста бидејќи се однесуваат на членови што ги „ублажуваат“ казните кои тангираат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи.

Според Владата, која овие измени ги предложи со европско знаменце, станува збор за усогласување со директивите на Европската Унија. За опозицијата, тоа е обид за амнестија на актуелните функционери во случај на промена на власта.

Во меѓувреме, Канцеларијата на ЕУ во Скопје проверува дали е злоупотребено европското знаменце.

                                                                                                                                         К.Д.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ