Оваа одлука на британската морнарица е донесена откако Венецуела го започна процесот на остварување на своите права на спорниот дел од територијата на Гвајана, кој е богат со нафта и минерали.
Британското Министерство за одбрана потврди дека по Божиќ, британскиот воен брод ХМС Трент ќе учествува на заеднички поморски вежби со воените бродови на Гвајана, која е членка на Комонвелтот и е единствената држава во Јужна Америка каде официјален јазик е англискиот.
ХМС Трент е патролен брод распореден на Карибите како дел од борбата против шверцерите на дрога, доби нова задача откако венецуелската влада се закани на почетокот на овој месец дека ќе го анектира регионот Есекибо во Гвајана.
Ова ги зголеми стравувањата дека Венецуела може да изврши инвазија и да предизвика меѓудржавен конфликт, прв во Јужна Америка по војната на Фолкландските Острови во 1982 година.
Венецуела одамна бара право на сопственост на регионот Есекибо, богат со злато, дијаманти и боксит, кој зафаќа површина од 100.000 квадратни километри и сочинува околу две третини од вкупната територија на Гвајана.