Во своето излагање Васиќ Бозаџиева истакна дека дебатата за надлежноста на уставните судови да укинуваат/поништуваат неуставни одлуки на редовните судови е клучна и контроверзна во уставното право поради фактот што се отвораат прашања за балансирање меѓу заштитата на уставните права и зачувувањето на независноста на редовното судство.
„Од една страна, поништувањето на одлуките на редовните судови од страна на Уставниот суд се смета за потребно за заштита на правата на граѓаните, додека од друга страна, се гледа како прекумерна интервенција во судската независност“, истакна Васиќ-Бозаџиева, напоменувајќи дека во Македонија, уставната рамка овозможува единствено Уставниот суд може само да утврди повреда и да предложи начин за отстранување на последиците, без укинување/поништување на актот со кој е сторена повредата.
Според судијката Васиќ-Бозаџиева постојат две клучни причини за да се воведе механизам за поништување на судски пресуди од страна на Уставниот суд, а тоа се потребата од брза и ефикасна заштита на човековите права и одржувањето на баланс помеѓу правната сигурност и заштитата на уставните права. Напоменува дека ефективната заштита на човековите права не може да се сведе само на констатирање на повредата, туку треба и да се обезбеди рехабилитација на правата на засегнатите граѓани.
„Како особени предизвици кои би се појавиле при укинувањето на неуставните судски одлуки се конфликтите со редовните судови кои таа можност би ја перцепирале како мешање на Уставниот суд во нивната судска автономија, потоа преоптовареност на Уставниот суд со предмети од сите нивоа на судови и од сите апелациони подрачја, опасност од политизација, ризик од правна несигурност која може да биде последица на различни интерпретации. Како особено важен предизвик ќе го истакнам ограничувањето на финансиските ресурси на Уставниот суд, кој несомнено би влијаел врз работниот процес и ефикасноста”,истакна судијката Васиќ-Бозаџиева.
Согласно направената анализа и уставно-судската пракса која е земена во предвид од искуството на судовите во Германија, Шпанија, Австрија и Хрватска, судијата Васиќ-Бозаџиева ги лоцираше можните решенија за кохезија помеѓу Уставниот суд и редовното судство кога станува збор за унапредување на заштитата на правата на граѓаните, пред се’ тргнувајќи од првичната ревизија на надлежностите на Уставниот суд и следствено на ова интервенирање во Актот со кој би се утврдиле начините и постапката за укинување на неуставните судски пресуди. Дополнително, нужно е изменување на процесните закони како Законот за парнична постапка, Законот за кривична постапка и Закон за управни спорови со кои би се овозможило повторување на судските постапки врз основа на одлука на Уставниот суд со кој е утврдена повреда на човековите слободи и права. За целосно и трајно решение потребни се амандмански измени на Уставот со кој би се вовела целосна уставна тужба.