Мислам дека Украина не е подготвена за членство во НАТО, изјави во петокот американскиот претседател Џо Бајден за Си-ен-ен.
„Не мислам дека постои согласност во НАТО за тоа дали Украина треба или не да биде внесена во семејството на НАТО сега, во овој момент, среде војна“, рече Бајден.
„Ако војната трае, тогаш сите сме во војна. Во војна сме со Русија ако е така“, посочи тој, осврнувајќи се на пактот за колективна одбрана, кој е јадрото на Северноатлантскиот договор.
Слично зборуваше и американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан, кој рече дека средбата во Вилнус „ќе биде важен момент на тој пат кон членството“, но дека Украина има „понатамошни чекори што треба да ги преземе“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски долго време се залага НАТО да му го отвори на Киев патот за членство, тврдејќи дека украинските сили прават повеќе во својата борба за да ја одбијат руската инвазија отколку која било членка на алијансата кога станува збор за одбрана на вредностите што НАТО се обврза дека ќе ги штити.
Зеленски ќе присуствува на состанокот на Алијансата, што треба да се одржи на 11 и 12 јули во Вилнус.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и други членови на алијансата исто така не ѝ дадоа целосна поддршка на Украина во однос на нејзин скор прием во одбранбениот блок.
Лидерите на Алијансата треба да се договорат за пакетот поддршка за Украина следната недела, изјави Столтенберг во петокот во Брисел.
„Ќе ја направиме Украина уште посилна и ќе поставиме визија за нејзината иднина“, рече тој.
Планираната долгорочна поддршка вклучува повеќегодишна програма за поддршка, посилни политички врски со Киев и реафирмирање на ветувањето на НАТО дека ќе ја прими Украина во своите редови.
Самитот ќе испрати „јасна порака“ до Москва, рече Столтенберг, додавајќи дека „НАТО е обединето и руската агресија нема да се исплати“.
На самитот, лидерите ќе ги поддржат и плановите за одговор на можен напад од Русија или некоја терористичка група, како и за зголемување на производството на оружје, истакна Столтенберг.