понеделник, 18 ноември 2024

Утре во Собранието на дневен ред се уставните измени, 2/3 мнозинство нема

Објавено на

часот

Сподели

Согласно Деловникот за работа на Собранието, дебатата трае најмногу десет работни дена и доколку е така треба да заврши на 31 август. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но, не повеќе од 30 минути вкупно. Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно со 80 гласови.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за МИА на почетокот на месецов изјави дека по завршување на претресот гласањето за потребата за уставни измени може да биде одложено, а ако нема услови воопшто и да не се случи.

„Седницата на 18-ти август ќе се отвори и ќе се усвои дневниот ред како што е постапката, затоа е потребно присуството од 61 пратеник, а за гласање минимум една третина од вкупниот број. Тоа е општ принцип и секако се отвора дискусија, дебата, се повикува според процедурата да се отвори дебата. Што ќе биде, како ќе биде, не можам да кажам сега оти не можам да предвидам. Но, обврска ми е да имам испланирано десет работни дена да може да работи Собранието доколку има пријавено за збор за толку, значи максимумот за да трае дебатата е десет дена. Десеттиот ден завршува дебатата без оглед дали останале уште говорници или не“, појаснува Џафери.

Тој рече и дека доколку нема двотретинско мнозинство, гласањето може да биде одложено, но и дека тоа може и да не се случи, со што постапката за уставни измени завршува.

-Во секој случај, и отворена е можноста и постои таква пракса и гледате, еве скоро цел мандат одложено гласање поради калкулација на пратениците со кворумот, додава Џафери.

Џафери не одговара директно до кога може да се одложува гласањето во првата фаза односно за утврдување на потребата за носење на уставните измени, за да се стаса до ноември или до крајот на годината со уставните измени за да може да се отвори патот за одржување на втората меѓувладина конференција.

Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ. Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.

Согласно процедурите, во Собранието на 25 јули се одржа седница на Комисијата за уставни прашања на која беа изгласани два заклучоци и тоа за пристапување кон измена на Уставот и за подготвување на нацрт- амандманите за измена на Уставот, доколку биде прифатена потребата за негова измена на седницата на 18 август. Двата заклучоци беа донесени со десет гласа „за“ и со седум гласови „против“.

„Под еден, Комисијата го поддржува предлогот за пристапување кон измена на Уставот поднесен од Владата на Република Северна Македонија. Под два, Комисијата на Собранието му предлага да донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот“, предложи Џафери.

Вториот заклучок се однесува на подготвување на нацрт – амандмани за измена на Уставот, доколку се изгласа потребата на собраниската седница закажана за 18 август.

„Согласно член 131, став 1 од Уставот одлуката за пристапување кон измена на Уставот на РСМ ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство од вкупниот број на гласови на пратеници. Доколку Собранието донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот согласно членот 196 став 4 од Деловникот, Собранието со заклучок утврдува рок во кој подносителот на предлогот за пристапување кон измена на Уставот изготвува текст на нацрт амандманите на Уставот, поради што предлагам на Комисијата да усвои и на Собранието да му предложи следниот заклулчок: Подносителот на предлогот за измена на Уставот, Владата на РСМ најдоцна во рок од 15 дена да подготви текст на нацрт-амандманите и да го достави до Собранието“, рече Џафери.

Претходно на Комисијата предлогот за уставни измени го образложи премиерот Димитар Ковачевски, а зборуваа и претставници од сите пратенички групи. Дебата немаше, а седницата заврши за неколку часа. Против уставните измени се изјаснија се 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и двајцата пратеници од Левица. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ