„Вчера беше изгласана одлука за избор на членови и заменици членови на комисијата, а денеска, официјално од страна на Генералниот секретар се назначени и собраниските соработници и службеници кои ќе бидат дел од оваа Анкетна комисија, со што целосно се исполнија условите за почеток со работа на оваа Анкетна комисија“, изјави Мизрахи.
Таа исто така информираше дека согласно одлуката, комисијата ќе биде надлежна за утврдување на хронологијата на настаните и околностите во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, дали со скандалот се загрозени основите човекови права на пациентите коишто се лекувале, политичката одговорност, како и изготвување заклучоци и препораки кои ќе имаат за цел да поведат постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции и спречување понатамошна злоупотреба, но и системски подобрувања на дефектите во таа клиника и целокупниот здравствен систем.
На новинарското прашање дали доколку се потврди политичка одговорност, ќе се бара и друг вид на одговорност од страна на Анкетната комисија и дали во комисијата ќе бидат инволвирани сегашни и поранешни директори на Клиниката за онкологија како и други функционери, Мизрахи рече дека сите релевантни институции и функционери секако ќе бидат повикани на разговор доколку одлучи комисијата такво нешто.