понеделник, 25 ноември 2024

Уставен суд денеска расправа дали граѓаните се оштетени со предвременото менување на пасошите и личните карти

Уставниот суд на денешната седница, меѓу седумте иницијативи, ќе расправа и за инцијативата на ВМРО-ДПМНЕ со која се оспорува дел од Законот за патните исправи, односно дали грѓаните ќе може да бараат оштета затоа што беа приморани да ги менуваат пасошите, личните карти и возачките дозволи иако им беа важечки. На дневен ред е и иницјативата за оценување на уставноста на дел од Законот за управни спорови со кој на судиите им се наложува обврска од најмалку две години стаж за да може да судат самостојно во управните спорови.

Објавено на

часот

Сподели

Според наводите во иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ, како што информираат од Судот, државата сама го декларирала рокот на истекување на важноста на патните исправи на печатените обрасци, во моментот на издавање на секоја патна исправа, за потоа со закон истиот да го измени на директна штета на граѓаните. Се наведува дека истекувањето на рокот на важност порано од декларираниот рок на документите од страна на државата ги става граѓаните во состојба на изгубена правна заштита и правна сигурност. Исто така подносителот тврди дека со промената на датумот на важност, сите лица кои извадиле патна исправа во периодот од јули 2014 до јули 2021 година (кога стапува на сила оспорениот закон) се ставени во нееднаква/ дискриминирана позиција, во споредба со сите останати лица, затоа што се обврзани на свој двоен трошок повторно да извадат патна исправа. Тоа значи дека за истата услуга, некои граѓани плаќаат двојно, независно од тоа што совесно и одговорно си ги промениле своите документи.

Според наводите во иницијативата, заради оперативна и техничка неможност за издавање на стотици илјади патни исправи во предвидениот рок до 12 февруари 2024 година, дури и под услов сите лица да аплицираат до наведениот термин, управните служби на Министерството за внатрешни работи нема да бидат во можност да ги изработат сите овие документи во наведениот рок.

„Стотици илјади граѓани нема да бидат во можност да ја напуштаат Републиката и да се вратат во неа по наведениот датум, а истото ќе има ефект врз нивната слобода на движење, како и врз стопанскиот промет во државата. Заради неверојатниот метеж при аплицирање и подигање на документите граѓаните се приморани дополнително да го бранат сопствениот морален интегритет од разните форми на понижувачко однесување на институциите, но и на граѓаните кои за да го остварат сопственото право, го нарушуваат правото на другите“, пишува во иницијативата.

На денешната седница се и иницијативите за оценување на уставноста на дел од Законот за управни спорови.

„Според подносителот на иницијативата оспорената одредба овозможува судиите избрани во Управен суд да се стават во нерамноправна положба, бидејќи за нив се наметнува обврската да имаат „две години судиски стаж” за да постапуваат како судија-поединец во постапките поведени во управен спор и покрај тоа што ваков услов не е предвиден во Законот за парнична постапка. Според подносителот обврската за „две години судиски стаж”е нејасна одредба бидејќи не може да се разграничи дали тој стаж треба да биде додека судијата е во Управен суд или вкупен стаж како судија“, информираа од Уставниот суд.

Судиите ќе расправаат и по иницијативата со која е оспорен дел од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија. Според подносителот на иницијативата, комисијата за водење на прекршочна постапка не е прекршочен орган, а во оспорената законска одредба, како и во законот во целина не е пропишан институтот „прекршочен орган“ што е спротивно од Уставот.

На денешната седница се и иницијативите за оценување на уставноста на делови од Законот за организацијатата и за единствената методологија на прибирањето, евидентирањето и обработката на податоци и информации за потребите на правосудните органи од интерес за целата земја, од Законот за судовите, по иницијативата за Одлуката за донесување на Урбанистички план вон населено место за индустриска зона „Мауцкер”, Општина Охрид, плански период 2013-2023, како и по иницијативата поднесена за Одлуката за распределба на социјални станови, како и условите за нивно користење изградени по програмата за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Република Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ