петок, 18 октомври 2024

Уште еден конвој Вагнеровци пристигна во Белорусија

Објавено на

часот

Сподели

Активистичката група Белоруски хајун, која го следи движењето на војниците во Белорусија, објави дека конвој од околу 20 возила, со знамиња на Русија и ознаки на групата Вагнер, денеска влегле во таа земја и се упатиле кон кампот што белоруските власти му го понудија на водачот на платениците Евгениј Пригожин.

Тоа е трет конвој со припадници на групата Вагнер кој влезе во Белорусија во последните седум дена, соопшти групата Белоруски хајун.

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко кој посредуваше во постигнувањето договор меѓу Пригожин и Москва за ставање крај на минатомесечниот еднодневен бунт на Вагнер, рече дека искуствата на платениците од фронтот можат да бидат од корист за белоруската армија.

Во петокот, белоруската државна телевизија објави видео од инструктори на Вагнер кои ги обучуваат белоруските сили за територијална одбрана на полигон во регионот Асиповичи, каде што се наоѓа кампот понуден на платениците.

На белоруска апликација за размена на пораки минатата недела беше објавено дека Пригожин ја поминал ноќта во тој камп во близина на селото Тсел, 90 километри југоисточно од Минск, а беше објавена и фотографија од него во шатор.

Бунтот на Вагнер започна вечерта на 23 јуни и траеше помалку од 24 часа, при што платениците на Пригожин брзо поминаа преку јужниот руски град Ростов на Дон и без борба го зазедоа воениот штаб таму, по што стигнаа до околу 200 километри од Москва.

Пригожин го нарече бунтот „марш на правдата“ со цел да се соборат рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов, кои бараа Вагнер да потпише договори со руското Министерство за одбрана.

Бунтовниците не се соочија со сериозен отпор и соборија најмалку шест воени хеликоптери и еден авион, при што загинаа најмалку 10 припадници на руските воздухопловни сили.

Пригожин им наредил на своите борци да се вратат во камповите откако постигнал договор за прекин на бунтот, кој вклучува амнестија за него и неговите луѓе и дозвола да преминат во Белорусија. Условите на договорот, како и судбината на Пригожин, остануваат недоволно јасни до ден-денес.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека борците на Вагнер можат да бираат помеѓу потпишување договор со Министерството за одбрана, преселба во Белорусија и демобилизација. Путин минатата недела рече дека им понудил на офицерите на Вагнер да продолжат да служат како единствена единица под истиот командант кога се сретнал со нив пет дена по бунтот.

Руското Министерство за одбрана минатата недела објави дека Вагнер го завршува предавањето на оружјето на руската војска, што се толкува како навестување за крајот на операциите на паравоената група во Украина, каде што имаше истакната улога и беше една од најспособните елементи на руските сили.

Лукашенко ги отфрли обвинувањата дека присуството на Вагнер во Белорусија може да ја дестабилизира земјата, но некои набљудувачи велат дека тој најверојатно ќе им нареди на безбедносните служби внимателно да ги следат активностите на групата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ