Тужбата на тужителот коалиција Европски фронт предводена од Демократска унија за интеграција… поднесена против решението на Државна изборна комисија УП1.бр.10-33 од 27.05.2024 година, се одбива како неоснова, стои во пресудата објавена на веб страницата на Управниот суд и се додава дека со пресудата се потврдува решението на Државна изборна комисија.
ДИК на седницата одржана на 27 мај, не го прифати приговорот од Европскиот фронт за прегласувањето во Ларце каде по прегласувањето, Европскиот фронт загуби еден пратеник во однос на резултатите од 8 мај, а коалицијата Вреди доби еден пратенички мандат.
Според првичните резултати по прегласувањето во седум избирачки места во изборните единици 5 и 6 на парламентарните избори 2024, коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува со 58 пратенички мандати, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ загуби еден пратеник и има 18 пратенички мандати, исто колку и Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, но која коалиција има вкупно повеќе добиено гласови. Коалицијата Вреди по прегласувањето доби еден пратеник повеќе и сега има 14, додека Левица и Движење ЗНАМ за наша Македонија остануваат со по шест пратенички мандати.