Секоја фирма што добила тендер за градба е законски обврзана да се осигура за одговорност за штета па согласно оваа законска обврска тоа го направила и фирмата Универзал Балкан, фирмата која треба да ја реконструира Универзална сала, објаснува изворот на МКД.мк
„Станува збор за осигурување за одговорност за штета во случај ако фирмата предизвика штета кон трети лица односно луѓе што се вклучени во реализација на проектот или кон објектот што го гради или го реконстурира. Во случај да се утврди таква штета тогаш фирмата треба да ја плати штетата. Ако тоа не го направи фирмата тогаш обврските за наплата на штетата ги презема осигурителната компанија. Во конкретниот случај со Универзалната сала ниту може салата како објект да се осигура ниту некој би осигурал таква руина“, тврди изворот на МКД.мк кој е вклучен во реконструкцијата на Универзална сала.
Нашиот извор тврди дека во новиот дел кој фирмата Универзал Балкан го гради, а за кој е надлежна оваа фирма штета нема па следствено на тоа нема да има никаква потреба за исплата на штета ниту пак осигурителната компанија би ѝ исплатила пари на компанијата со кои, како што изјави министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, ќе продолжи градбата на Универзална сала.
„Но сепак, ако се утврди дека фирмата предизвикала било каква штета тогаш таа законски е обврзана да ја плати штетата“, вели нашиот извор.
Според Законот за градба учесниците во изградбата на градби. инвеститор, правни лица за проектирање, ревизија, изведување и надзор над изградбата) одговараат за штетата предизвикана на трети лица при извршување на нивната работа и договорните обврски.
„Правните лица за проектирање, ревизија, изведување и надзор над изградбата се должни да имаат осигурување за одговорност за штета во осигурителна компанија во Република Северна Македонија, која би можела со нивната работа да им се предизвика на инвеститорите или на трети лица. Годишната осигурена сума за вкупниот број на градби за учесниците во изградбата на градби од прва категорија од членот 57 на овој закон не може да биде пониска од 10.000 евра во денарска противвредност, а за градбите од втора категорија не може да биде пониска од 5.000 евра во денарска противвредност“, пишува во Законот за градба.
Нашиот извор не знаеше да каже во која категорија на објекти спаѓа Униврзална сала но во Законот за градба пишува дека оваа сала спаѓа во втора категорија објекти.
„Градби од втора категорија се, градби наменети за основно и средно образование, градби од областа на културата, градби за потребите на органите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, индустриски и зелени зони основани од општините, општините во градот Скопје и градбите во овие зони…“, пишува во Законот за градба.
Пожарот кој на 9 април ја пеплоса Универзална сала на површина извади многу контроверзи и неодговрени прашања. Така минатата недела, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ја обвини министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска дека неовластени лица упаднале во профилот на системот за јавни набавки на Град Скопје и незаконски прикачувале документи со од неа дадени податоци како и податоци од „нејзиниот бизнис партнер, фирмата Универзал Балкан“.
Арсовска праша според кој проект се реконструира Универзална сала, според кој член од Законот за јавни набавки, јавна набавка која минатата 2023 година е трајно завршена, реализирана и архивирана, може повторно да се активира како во овој случај во 2024 година и согласно која законска регулатива на профил на договорен орган во системот ЕСЈН на Бирото за јавни набавки при Министерство за финансии, од лица кои немаат овластување, ниту пристап од страна на договорниот орган може да се вметнуваат или бришат документи.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска пак, веднаш ги отфрли обвинувањата од Арсовска во врска со реконструкцијата на Универзална сала и најави тужба за клевета.
Искра Опетческа