сабота, 26 октомври 2024

Унгарија и Словачка нема да ѝ помагаат на Украина со оружје

Министрите за надворешни работи на Вишеградската група се сложија денес на состанокот во Прага дека Русија со агресијата на Украина го крши меѓународното право, но, за разлика од шефот на полската дипломатија, унгарскиот и словачкиот одбија да се вклучат во чешката иницијатива за набавување 800.000 гранати за Украина и одбија нивните земји да го помагаат Киев со оружје.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Конфликтот нема воено решение. Без дипломатски разговори војната нема да заврши“, им кажа на новинарите по средбата словачкиот министер за надворешни работи Јурај Бланар објаснувајќи зошто во Турција неодамна се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

За разлика од шефот на полската дипломатија Радослав Шикорски кој во Прага соопшти дека Полска се приклучува на обидите на Чешка, која во трети земји најде можност да се набават за Украина 800.000 артилериски гранати со калибар кој го користи НАТО како и старите советски и успешно набавува пари од разни земји, унгарскиот и словачкиот министер кажаа дека нивните земји нема да се приклучат.

„Во Украина нема да испраќаме никакво оружје“, кажа унгарскиот министер Петер Сијарто, а Бланар истакна дека позицијата на словачката влада е јасна дека Словачка нема повеќе да испраќа никакви воени испораки на Киев.

Домаќинот на средбата, шефот на чешката дипломатија Јан Липавски, кажа дека постои слога во Вишеградската група кога станува збор за тоа дека Русија е агресор и го гази меѓународното право со нападот на Украина.

„Украина ќе одлучи за условите на мирот“, кажа Липавски и истакна дека е потребно да се засили помошта на Украина за да може да се одбрани од агресијата на Русија, а дека интерес на целиот регион е Русија да остане подалеку од нивните граници.

Пред денешната средба Шикорски и Липавски оценија дека разговорите во Вишеградската четворка се комплицирани поради различното гледање на војната во Украина, а Шикорски истакна дека, иако нема надеж за стоотстотна слога, за Полска и Чешка е важно Унгарија и Словачка да не ги блокираат механизмите на финансирање на воената помош на Украина во Европската Унија.

Иако словачките и унгарските власти категорично тврдат дека одбиваат да испраќаат оружје и муниција во Украина бидејќи тоа е долевање масло на воениот конфликт, Словачка ни јавно нема никаков проблем да испрати оружје и муниција врз основа на комерцијалните договори на словачката воена индустрија.

Од доаѓањето на власт минатата година словачкиот премиер Роберт Фицо повеќе пати истакна дека владата нема да ги попречува воените испораки ако се платени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ