„Во првиот напад загина едно лице и оштетени се таваните на неколку ката од болницата. Евакуацијата на пациентите и персоналот започна“, изјави украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко на Телеграм. Тој додаде дека вториот напад се случил за време на евакуацијата, кога загинале пет лица.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски подоцна изјави дека осум лица загинале, 11 се повредени.
„Сите во светот кои зборуваат за оваа војна треба да внимаваат каде напаѓа Русија. Тие се борат со болници, цивилни објекти и животи на луѓе“, изјави Зеленски на Телеграм.
Украинските обвинители соопштија дека во моментот на нападите, 86 пациенти и 38 членови на персоналот биле во болница.
Нападите врз градот Суми и истоимениот регион зачестија откако украинската армија започна операција во соседниот руски регион Курск во август и зазеде десетици населени места, пренесува Ројтерс.
Градот Суми е оддалечен само 32 километри од руската граница, а руските сили го напаѓаат регионот и градот со беспилотни летала и наведувани бомби.
Клименко не прецизираше кое оружје било употребено во денешните напади, но од регионалната управа соопштија дека нападот бил извршен со беспилотни летала.