петок, 18 октомври 2024

Украина нема да издржи долго без западната помош, можен е пораз до летото

Иако пакетот за помош на Украина и понатаму стои на дневниот ред на американскиот Конгрес, САД и сојузниците проценуваат потенцијално ослабувачки ефект за одбраната на Украина и долгорочна можност за пораз во војната, изјавиле повеќе американски и европски функционери за Си-ен-ен. „Нема гаранции за успех со нас, но без нас сигурно ќе пропаднат“, кажал еден висок функционер на американската војска.

Објавено на

часот

Сподели

Главната грижа е околу актуелната контраофанзива на Украина на истокот и југот, каде украинските сили се мачеа да постигнат каков било напредок дури и кога американската поддршка доаѓаше. „Ако зборуваме за ослободување територии, тешко е да се види како тоа би можело да успее без постојана поддршка од САД“, кажал еден европски дипломат.

Западните функционери сметаат дека немањето или одложувањето американска поддршка ќе влијае на севкупната помош на сојузниците. Денес Украина претрпе уште еден удар кога Унгарија ја блокираше дополнителната помош од Европската Унија, иако во јануари се очекува продолжување на разговорите за тоа прашање. Веста укажува на размерите на предизвиците со кои се соочува режимот во Киев и многумина стравуваат дека, ако САД не успеат да продолжат да пружаат поддршка, по истиот пат ќе тргнат и европските нации.

„Ако ние не помагаме, нема да помагаат ни нашите сојузници“, кажа демократскиот конгресмен Мајк Квигли.

Западните разузнавачки агенции во моментов калкулираат колку долго Украина би можела да издржи без помош од САД и НАТО. Еден американски воен функционер проценил неколку месеци, со сценарио на значително назадување или пораз до летото. Руска победа не би била страшна вест за Украина, би била катастрофа за пошироката европска безбедност и голем удар за САД, пишува Си-ен-ен.

Прашана за континуираното доцнење на американската помош, естонската премиерка Каја Калас изјави: „Во моментов не можеме да зборуваме за замор од војната бидејќи ако тоа го направиме и попуштиме, тогаш (рускиот претседател Владимир) Путин победува и тоа ќе значи катастрофа за сите. Тоа ќе значи повеќе конфликти, повеќе војни, повеќе недостиг во снабдувањето со храна и разни проблеми кои доаѓаат со тоа. Затоа сега мора да се потрудиме“.

Украинските сили веќе штедат муниција, кажале американски и украински функционери за Си-ен-ен, додека руските сили возвраќаат оган во пет до седум пати поголеми размери. Украински воен функционер кажал дека украинските команданти веруваат дека ослабувањето на нивната огнена моќ довело до дополнителни украински жртви.

Без дополнителна помош од САД, проценуваат западните функционери, Украина прво би останала без ракети со долг дострел, потоа проектили за противвоздушна одбрана, а подоцна и артилериска муниција и проектили со краток дострел, како противтенковските ракети „џавелин“ и противвоздушните ракети „стингер“.

Секоја категорија муниција е клучна за одбраната на Украина. Проектилите со долг дострел, како британските крстосувачки проектили „сторм шедоу“, беа клучни за успехот на украинските сили во потиснувањето на руската црноморска флота стотици километри за да се отвори транспортен коридор за житото и други залихи. Ракетите за противвоздушна одбрана се клучни за одбрана на цивилната инфраструктура. Проектилите со краток дострел им овозможиле на украинските сили одбрана од руските тенкови и авиони кои се далеку побројни од украинските.

Проценките за тоа што поразот на Украина ќе значи за Европа предизвикуваат длабоки стравови меѓу американските европски сојузници.

„Мислам дека луѓето не сфаќаат целосно што падот на Украина всушност ќе значи. Ќе гледаме ужасни нешта: етничко чистење и целосно уништување на Украина. значи успех е ако спречиме тоа да се случи. И затоа мораме да продолжиме“, кажа европски дипломат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ