„Сè додека не е избрана локацијата кој што ми е приоритет, потоа постојат различни форми на тоа како. Тоа е едно од тие ветувања што ги дадов, на Арачиново припаѓа музејот на ОНА, Арачиново има историја за големиот придонес што го даде за време на војната“, вели Ридван Ибрахими за ТВ 21.
Од Министерството за одбрана, пак, информираат дека постапката за изградба на спомениците на загинатите бранители во месноста Љуботенски бачила, на Карпалак и во Вејце е започната.
„Со оглед на обидот на градоначалниците на општините до кои беше поднесена иницијативата да ја политизираат оваа иницијатива, министерката за одбрана Славјанка Петровска, сакајќи да се зачува ликот, делото и жртвата на загинатите бранители, започна со постапка за која не е потребна согласност од општините, а ќе овозможи изградба на овие споменици на споменатите локации“, соопштија денеска од Министерството за одбрана.
Со заклучок на седницата на Владата одржана на 28 септември, како што појаснуваат од Министерството за одбрана, Владата ги задолжила Министерството за одбрана и надлежните институции, местата на кои загинале македонските бранители да бидат доделени на Министерството за одбрана.
„Постапката е веќе започната и е во тек“, велат од Министерството за одбрана.
Масакрот кај Љуботенски Бачила се случи на 10 август 2001 година откако воен камион на Армијата нагази на две противтенковски мини при што загинаа осум припадници на резервниот состав на АРМ. Покрај осумтемина убиени имаше и осуммина повредени.
Масакрот кај Карпалак е најбројниот масакр врз војници во војната во 2001 година. На 8 август 10 резервисти беа убиени, а тројца ранети кога конвој од хермелин, два автобуси, камион и комбе од прилепската касарна одел кон Тетово. Конвојот бил начекан во терористичка заседа и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи.
Масакарот кај Вејце е најкрвавиот и најбрутален масакар во поновата историја на Македонија. Масакрот се случи на 28 април 2001 година откако од заседа и ѕверски беа убиени, осуммина специјалци и полицајци припадници на специјалните единици Волци и на посебната единица на СВР Битола. Покрај осуммина убиени, имаше и шестмина повредени. При нападот, од колоната успеало да се извлече последното возило и да јави за масакрот.