петок, 1 ноември 2024

Три африкански земји го напуштаат демократскиот блок, се свртуваат кон Русија

Три западноафрикански држави во кои владее хунтата – Нигер, Мали и Буркина Фасо – денеска објавија дека ја напуштаат Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС), регионален економски блок кој ги повикува да се вратат на демократско владеење.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Одлуката на трите земји, објавена во заедничка изјава прочитана на националната телевизија на Нигер, е удар врз напорите на блокот за постигнување регионална интеграција откако ги суспендираше трите земји по военото преземање на власта.

По државните удари во тие три држави, и покрај санкциите, преговорите и заканите за воена интервенција, воените лидери не успеаја да гарантираат прецизен период во кој трите држави ќе се вратат на уставно владеење.

Наместо тоа, лидерите на трите земји ја заострија реториката против блокот и го обвинија дека е под влијание на надворешни сили. Во исто време, трите земји ги прекинаа воените врски и соработката со поранешниот колонијален владетел Франција и ѝ се обратија на Русија за поддршка во областа на безбедноста.

Тројцата воени лидери на Мали, Нигер и Буркина Фасо велат дека сакаат да ја вратат безбедноста во своите земји пред одржувањето на изборите. Во исто време, трите земји од Сахел се борат со бунтовниците поврзани со Ал Каеда и Исламската држава.

„По 49 години, храбрите народи на Буркина Фасо, Мали и Нигер со жалење и големо разочарување забележуваат дека организацијата ЕКОВАС се оддалечи од идеалите на своите основачи и духот на пан-африканизмот“, рече полковникот Амаду Абдрамане, портпарол на нигериската хунта.

„Организацијата не успеа да обезбеди помош за овие земји во нивната егзистенцијална борба против тероризмот и несигурноста“, додаде тој. Засега не е јасно како одлуката на воената хунта на Нигер, Буркина Фасо и Мали ќе влијае на регионалниот блок, кој се состои од 15 членки и во кој постои правилото за слободно движење на луѓе и стоки.

Целите на ЕКОВАС се регионална соработка на економско, социјално и политичко поле и обезбедување регионална безбедност. Според основачкиот договор, членките кои сакаат да се повлечат мора да достават писмено известување една година однапред. Сè уште не е јасно дали трите земји го направиле тоа. Според договорот, државите мора да продолжат да ги почитуваат одредбите за период од една година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ