среда, 11 декември 2024

Блинкен за севернокорејските војници во Курск: Кина треба да го заузда Пјонгјанг

САД го очекуваат пристигнувањето на севернокорејската војска во руската област Курск, која треба да започне војна против Украина во наредните денови, изјави американскиот државен секретар Антони Блинкен, повикувајќи ја Кина да го искористи своето влијание и да го заузда Пјонгјанг.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Блинкен рече дека Русија ги обучува севернокорејските војници во артилерија, беспилотни летала и основни пешадиски операции, со што јасно стави до знаење дека целосно има намера да ги користи силите во операции на првата линија.

Највисокиот американски дипломат рече дека има 10.000 севернокорејски војници во Русија, вклучително и 8.000 во регионот Курск каде што украинските сили сè уште држат територија по инвазијата на руска територија во август.

„Севернокорејските војници ќе станат легитимна воена цел доколку влезат на бојното поле“, нагласи Блинкен на прес-конференција во Вашингтон со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и јужнокорејски колеги.

„Сè уште не сме сведочеле на распоредувањето на овие војници во борби против украинската војска, но очекуваме тоа да се случи во наредните денови“, рече тој.

Јужнокорејскиот министер за одбрана Ким Јонг-хјун исто така изјави дека Северна Кореја ѝ испорачала на Русија повеќе од 1.000 проектили.

„Повеќе од 1.000 проектили се испорачани“, рече Ким Јонг-хјун на прес-конференција во Вашингтон, додавајќи дека Северна Кореја доставила и милион парчиња муниција.

Остин рече дека САД ќе објават нова безбедносна поддршка за Украина во наредните денови.

„САД и Јужна Кореја се согласија дека Кина треба да стори повеќе за да ги спречи провокативните дејствија на Северна Кореја“, рече Блинкен, додавајќи дека американските власти имале „цврста дискусија“ со Пекинг оваа недела.

„Мислам дека добро им се познати грижите што ги имаме, и очекувањата, и со збор и со дело, и тие ќе го искористат влијанието што го имаат за да ги спречат тие активности“, рече Блинкен за кинеските власти.

Пекинг, близок партнер и на Москва и на Пјонгјанг, досега постојано повикуваше на деескалација на сите страни и на политичко решение на конфликтот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ