„Евроинтеграциските процеси на земјава се во сериозен застој поради тоа што во изминатите седум години СДСМ и ДУИ не спроведоа темелни реформи во ниту една област, не воспоставија систем на владеење на правото, ја криминализираа државата, а ги партизираа сите институции, почнувајќи од Уставниот суд, па се до најниско ниво. Секојдневно медиумите, невладиниот сектор и политичките партии, објавуваат криминални афери, а надлежните институции ниту еден крупен случај не открија затоа што се блокирани од партиите на власт“, соопштија од Демократскиот сојуз.
Како што соопштија од партијата, Трајанов на средбата посочил дека со измените на Кривичниот законик, ДУИ и СДСМ го урнисале правниот систем и обезбедиле амнестија за актуелните и поранешни носители на високи функции. Според Трајанов, уставните измени со кои се предлага Бугарите да бидат внесени во Уставот, веќе година и шест месеци се користат за манипулација на јавноста и дискредитација на политичките опозициски партии пред меѓународниот фактор.
„Во оваа насока без да се менува Преговарачката рамка, предлагам сите партии да побараме од ЕУ, со заклучок на Советот на Европската Унија, македонскиот јазик да биде официјален по приемот на Македонија во ЕУ, билатералните прашања вградени во Преговарачката рамка да не можат да бидат основа за блокада на евроинтеграциите на Македонија и да се задолжи Бугарија да ги имплементира одлуките на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур во врска со правата на Македонците во Бугарија на здружување и формирање на културни домови, здруженија и политички партии“, побарал Трајанов.
Според Трајанов, нашата држава треба да биде една изборна единица како темелна основа за промени и демократизација на државата.
Тој на средбата потенцирал дека вториот круг од претседателските и парламентарните избори треба да се одржат во исти ден, сѐ со цел да не се создадат политички и безбедносни проблеми.
„Техничката влада е непотребна и само на власта ѝ одговара да ја релативизира одговорноста за катастрофалните состојби во државата, колапсот на институциите и секојдневниот грабеж на народот. Инаку, со актуелниот состав на Владата, прекршен е Охридскиот рамковен договор и Уставот на Македонија, за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници и со технички премиер од редовите на ДУИ, дополнително ќе се наруши етничкиот баланс, што ќе се рефлектира и на меѓуетничките односи. Мој предлог е оваа Влада, во овој состав, до продолжи со работа до парламентарните избори“, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.
Трајанов изјави дека има најава за заклучоци, но според досегашниот тек на расправата, не очекува да има консензус по ниту едно политичко прашање, освен околу изборите. Тој додаде дека тројца лидери на политичките партии од албанскиот опозициски блок ја напуштиле седницата поради расправија со претседателот на парламентот.