Преспанскиот договор, барем според официјално име – Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуцијата 817 (1993) и 845 (1993) на Советот на безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година, за вопоставување на стратешко партнерство меѓу страните – може да ја понесе квалификацијата „ремек дело на диполоматијата“, само заради тоа што во насловот од три реда успева да не спомене меѓу кои страни и за што се склучува договорот.
И понатаму, во прилог на „брилијантната дипломатска вештина“ применета во Преспанскиот договор може да се наведе и фактот што во најголем дел од содржината се оперира со термините „првата и втората страна“ , но и така, со целата анонимна тенденција во текстот успеа да се наметне промената на името на државата Македонија, со географската додавка „северна“.
По шестгодишната политичка реалност на Преспанскиот договор, останува дискутабилно дали успеа да ги реши разликите во перцепцијата на македонското прашање на терен, во Македонија и во Грција, но се чини дека се затворени можностите за конкретни лукративни придобивки во име посредништво за решавање на „разликите за името“. За целото време од речиси три децении на спорот за името Македонија, наметнат од Грција, зад сцената на официјалните преговори и дипломатско посредништво се случувале „посредништва“ со посилни, поконкретни, но и понепристојни аргументи од тие дипломатските. Повеќе сведоштва во интервјуа и биографии на актерите во тридецениското „пазарње“ за името Македонија, наведуваат на заклучокот дека трагите на парите кои водат до Преспанскиот договор, имаат сериозен потенцијал да ја компромитираат „генијалноста и брилијантноста“ на дипломатската вештина употребена за негово креирање.
Првата афера од 1992 година за 1 милион долари за името
Во времето на „превривање“ на Преспанскиот договор, на почетокот од 2018 година, пред да биде откриена опцијата со „северна“, од страна на националистичките кругови во Грција кои одбиваа(т) да прифатат какво било споменување на поимот Македонија во името на соседната држава, за кратко го вратија на сцена името „Централна балканска република“. Иако и тогаш беше отфрлен како несериозен, беше доволно да се активираат сеќавањата за предлогот од 1992 година на австрискиот дипломат Алојз Мок и Васил Тупурковски – специјалниот пратеник на тогашниот македонски претседател Киро Глигоров. За оваа „понуда“ да добие контекст на прва афера за поткуп за промена на името, придонесе „разоткривањето“ на тогашниот претседател на Собранието, Стојан Андов дека во „игра“ биле некои еден милион долари, за да влезат во Македонија инвестиции од 2 милијарди евра.
Еден од актерите во таа прва афера за името, Васил Тупурковски и „денес“ , односно во 2020 година беше (е) на ставот дека сепак тој период од 1992 година бил „волшебен миг“ да се реши прашањето за името, додавајќи дека никогаш не бил „лажго и авантурист“ и дека тоа било повод против него да биде организирана медиумска хајка за велепредавство на националните интереси и отстранување од политичката сцена.
Други активни учесници во македонската дипломатија во тој период, како професорот Денко Малески, пак ја оспорува тезата за „волшебниот миг“ .
Сепак, останува во хронологијата на „напорите за зачувување“ на државата Македонија, преку менувањето на името, дека уште на почетокот на независноста се случила првата „понуда“ и афера за реалполитички опортунизам – име на државата за пари.
Глигоров: Како си замислувате – шефот на оваа држава да прими милион долари, да се откаже од името Македонија?
Десетина години подоцна, првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров во својата книга „Македонија е сè што имаме“ од 2001 година говореше како Љубомир Фрчкоски, како министер за внатрешни работи, преку грчки посредници се обидел да го поткупи со еден милион долари ако се откаже од уставното име. Глигоров напиша дека го ислушал, но понудените пари ги одбил.
„Имаше, тоа првпат ќе го кажам, еден навистина незамислив обид преку грчките специјални служби да се влијае и врз мене, и тоа на извондредно груб начин, да ја прифатам грчката солуција, да направам нешто за да се откажам од името Македонија….
Еден ден министерот за внатрешни работи, Фрчкоски ми предложи да примам некои соработници од Службата, за да ме известат лично за нешто од нивната работа. Ги примив, а тие ми кажаа дека имале некоја средба со нивни ’колеги’ од Грција и дека тие официјално им рекле да ми пренесат лично мене, дека доколку попуштам околу името, готови се да ми префрлат, на која банка сакам во светот, милион долари“, пишуваше Глигоров.
Потоа претседателот ги прашал како си замислуваат шеф на држава да прими милион долари и да се откаже од името Македонија.
„Јас ги ислушав, прво, долго ги гледав луѓето, а потоа им реков: ‘Добро, бре, луѓе, како си замислувате – шефот на оваа држава да прими милион долари, да се откаже од името Македонија. Како ве молам, воопшто сте го замислиле тоа? Како воопшто тоа некој може да си го замисли? Тоа е апсурдна работа, ако тоа воопшто некој си го замислил, тогаш јас не сум за ова место’“, напиша Глигоров во својата книга.
Неколку месеци потоа, Глигоров овие тврдења ги кажа и на суд. Таму Глигоров детално ги опишал средбите со Фрчкоски и како тој се обидувал да го подмити со скапоцена амфора, луксузен часовник, па дури со куферче со пари кои биле подарок од грчки разузнувач за да го „омекнат“ да се откаже од името „Македонија“.
„Го отвора куферчето, полно до горе долари. Тука има сто илјади долари. Овој кога си заминуваше, ми рече: ’Јас морам да му се отплатам на претседателот што толку време бев тука, и, ми го даде ова куферче да ви го донесам. Тоа е негов подарок.’ Јас го гледам – а, бе, велам, Фрчко, зар не разбра ти онаа амфора кога ти ја вратив и часовникот, дека за таква работа, мене не ме бива. Добро, сега, човекот ги даде парите, сега што да правиме рече тој…“, ја опиша Глигоров непријатната случка со Фрчкоски.
Грчки тајни фондови од 50 милиони евра за медиуми во Македонија и Албанија
Во времето кога се „готвеше“ Преспанскиот договор, грчките медиуми обелоденија афера за црните фондови на грчката влада за финансирање проекти во соседството, во Македонија и во Албанија „за да постојат позитивни написи за Грција и да се лобира врз тамошните новинари или раководствата на медиумите во корист на грчките интереси“.
На денот кога во македонското Собрание се гласаше за потребата за уставни измени за имплементација на Охридскиот договор, грчкиот портал „Ајефимерида“ пишуваше дека околу еден милион евра од тајните фондови на грчкото МНР биле искористени за финансирање на медиуми во Македонија и Албанија и за поддршка на православни цркви.
За конкретниот текст, тогаш реагираше и претседателот на грчкиот парламент и кабинетот на Ципрас, а според „Ефимерида тон синдактон“, обвинителството наредило истрага за објавување доверливи информации.
Подоцна, во грчкиот парламент на говорница, лидерот на партијата „Независни Грци“, Панос Каменос го обвини тогашниот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас за лошо водење на тајните фондови на Владата, наведувајќи сума од 50 милиони евра. Остана впечатокот дека тоа обвинување било она што ја прелеало чашата и го натерало Коѕијас тогаш самиот да поднесе оставка од позицијата министер за надворешни работи.
Грчките медиуми, тогаш детално ги анализираа причините за повлекувањето на Коѕијас, а несогласувањта, како за фондовите така и за Договорот од Преспа, биле само последната капка.
Кавгата меѓу Каменос и Коѕијас имаше продолжение и во грчките судови, односно Коѕијас го тужеше Каменос за клевета за споменатите 50 милиони евра, но епилогот остана непознат за македонската, а веројатно и за грчката јавност.
Инаку, Никос Коѕијас е потписникот на Преспанскиот договор од грчка страна.
Индикативно, во тој период кога биле активни тајните фондови на грчката влада за да се „лобира врз новинари во Македонија и Албанија, или раководствата на медиумите во корист на грчките интереси’“, во Македонија, во 2017 година се појави печатен медиум, „Независен“, кој згасна во мигот кога Преспанскиот договор беше имплементиран, во 2019 година.
Тоа е веројатно последната епизода во речиси тридецениската македонска сага со „трагите на парите“ кои доведоа по Преспанскиот договор и промената на историското и уставното име на државата, што до 2019 година се нарекуваше Република Македонија.
Иванов: Менувањето на името на државата не е ни политичи, ни правен, туку комерцијален процес
Поранешниот претседател на Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој не потпиша ниту еден од указите на законите поврзани со имплементација на Преспанскиот договор, што практично значеше менување на името на државата, на една амабасадорска трибина, минатата година изјави дека прашањето за нас е премногу емотивно, а позадината е геополитика и геостратегија. Но притоа отвори и еден аспект дека промената на името на држава се одвивала преку еден комерцијален процес, во кој поминале 150 милиони евра.
„Тоа не е ниту политички, ниту правен, туку е комерцијален процес. Во прашање се големи пари, а новинарите нека истражуваат која е сумата што е платена за да се промени името, да се откажеме од најскапиот бренд во историјата на човештвото кој сега ѝ носи приход на друга земја“, рече Иванов на трибината.
Сепак, иако упати на новинарско истражување за сумата што е платена за промена на името на Република Македонија, тој даде и своевидна насока со забелешката: „Ако прашате кого било упатен во грчката политика ќе ви каже сума од 150 милиони евра“.
Не е познато дали во таа сума од 150 милиони евра, на кои упатува претседателот Иванов, влегуваат и наградите што за потпишувањето на Преспанскиот договор ги добија главните фронтмени на проектот за менување на името на Република Македонија, поранешните премиери на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас. И двајцата, иако многу брзо по потпишувањето на Преспанскиот договор знаеја дека тој договор ќе пресуди на нивните политички кариери (особено Заев по франуското вето за ЕУ веднаш по менувањето на името на државата), сè уште одвреме-навреме упатуваат пораки за неговата „генијалност“ и „придонес за стабилност во регионот“. Исто така, одвреме-навреме, Заев и Ципрас добиваат и меѓународни парични награди за придонес во мирот. Иако тие награди не се од рангот на Нобеловата награда, за која беа номинирани (но не ја добија), сепак наградните износи се сметаат како дел од компензација на меѓународната заедница за „трудот“ вложен да се протурка Преспанскиот договор. Македонија не ја доби „компензацијата“ за жртвите на кои беше принудена со Преспанскиот договор – и шест години подоцна ги нема започнато преговорите со Европката Унија, а членството е сè уште непредвидлива иднина. Но во македонската јавност и понатаму, одвреме-навреме циркулираат неофицијални сознанија за „личните компензации“ за актерите што го донесоа и спроведоа Преспанскиот договор.
Јасминка Павловска
„Кога ќе дојде време, сѐ ќе кажам“: До Преспанскиот договор на балкански начин