петок, 18 октомври 2024

Тодоровиќ и Здравев меѓу петтемина уапсени за случај поврзан со „Скопје 2014“, МВР ја потврди полициската акција

Објавено на

часот

Сподели

„Вчера попладне и во текот на вечерта од страна на полициски службеници од МВР – Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, по налог на ОЈО ГОКК, а со наредба на судија на претходна постапка, лишени се од слобода пет лица во врска со чл.273 ст.5 и чл.353 ст.5 од Кривичниот законик. Лицата се приведени и задржани во полициска станица и во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка“, потврдија од МВР за МКД.мк.

Петмината уапсени се сомничат за перење пари и за злоупотреба на службената положба.

Финансиската полиција (УФП) во јули 2018 година поднесе кривична пријава, тогаш против тројца, меѓу кои и ексградоначалникот на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, осомничени за криминал за изградбата на пешачкиот мост „Око“, на реката Вардар, кој беше дел од проектот „Скопје 2014“.

Освен против Тодоровиќ, пријава беше поднесена и против М.Т., поранешен секретар во општина Центар, и Д.Р. вработен во секторот за градежно уредување во општината. Тие се сомничеа за несовесно работење во службата со што нанеле штета на буџетот од над 433 000 евра.

Тогаш од УФП соопштија дека пријавените се согласиле да ја надоместат штетата што подоцна и го направија но сепак ќе одговараат кривично.

Случајот го отовори поранешното Специјално обвинителство (СЈО), а по неговото згаснување случајот го презеде Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Надлежниот обвинител Љубомир Лапе за денеска во 13 часот најави прес конференција на која ќе бидат соопштени детали за истрагата.

Во полициска акција синоќа на скопскиот аеродром бил приведен Владимир Тодоровиќ, поранешен градоначалник на скопската општина Центар и сопственик на ланецот маркети Тинекс, а на граничниот премин Табановце бил приведен и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар Владимир Здравев.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ