На прашањето на Ројтерс дали ставот на Русија останал ист како во јуни 2024 година, кога Владимир Путин побара Украина формално да се откаже од членството во НАТО и да ги повлече своите војници од четири украински региони што Русија ги смета за свои, портпаролката Марија Захарова одговори: „Да, има промени во ставот на Русија“.
„Овие промени се засноваат на промени на терен“, рече Захарова. Сè уште се чека потврда дали имало директен контакт меѓу украинската и руската делегација во Турција.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно денеска ја нарече руската делегација на мировните преговори, составена од функционери од понизок ранг, „статисти“, додавајќи дека ќе одлучи за следните чекори во преговорите со Русија по средбата со својот турски колега, Реџеп Таип Ердоган.
„Нивото на руската делегација не ми е официјално познато, но она што го гледаме повеќе сугерира дека станува збор за делегација на декоративно ниво“, рече Зеленски.
„Треба да знаеме на кое ниво е руската делегација, каков мандат имаат и дали можат да донесат каква било одлука“, додаде тој.