Министерството за внатрешни работи соопшти дека во седум региони се започнати претреси насочени кон здружението „Кралство Германија“, за групата со околу 6.000 поддржувачи кои „го негираат постоењето на Сојузна Република Германија и го отфрлаат нејзиниот правен систем“.
Здружението беше забрането денес бидејќи „неговите цели и активности се спротивни на кривичното право и уставниот поредок и идејата за разбирање меѓу народите“, соопшти министерството, додавајќи дека забраната се однесува и на „бројни организации поврзани со ова здружение“.
Германското федерално обвинителство објави дека се уапсени четири лица, од кои тројца се основачи на здружение кое околу десет години воспоставувало „лажни државни структури и институции“, создавајќи банкарски и осигурителен систем, канцеларија за регистрација со фиктивни лични документи и сопствена валута.
Министерството ги смета за „опасни екстремисти“, здружението е дел од германското конспиративно движење „Граѓани на Рајхот“ кое ја отфрла легитимноста на модерната Германска Република.
Тие веруваат во продолжување на Германскиот Рајх пред Првата светска војна, во форма на монархија. Неколку групи симпатизери издадоа декрети за создавање свои мини-држави.
Според податоците на германските разузнавачки служби, движењето имало околу 23.000 членови во 2022 година.
Министерството денеска соопшти дека „Кралството Германија“ се шири со години.
Новата владина коалиција предводена од конзервативниот канцелар Фридрих Мерц, која ја презеде функцијата минатата недела, се соочува со пораст на десничарски екстремистички идеологии.
Екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) сега е најголемата опозициска сила во парламентот, откако постигна добри резултати на парламентарните избори во февруари.