Во својот годишен извештај, кој агенцијата го објави во вторникот, се вели дека потенцијалните шпиони може да се препознаат по нивниот неуреден изглед, неусогласената спортска или воена облека и поставување сомнителни прашања до локалното население.
Според летонската служба, групи на луѓе од овој опис може да се најдат во близина на важни воени објекти, да се претставуваат како хуманитарни работници или да престојуваат во оддалечени и запуштени области на земјата.
Загриженоста за потенцијалните шпиони расте поради честите подметнати пожари и други саботажи во регионот, за кои владите на земјите каде што се случуваат инцидентите ја обвинија Русија. Москва ги негира обвинувањата.
Неколку европски земји, како што се Полска, Норвешка и Финска, поради вакви инциденти, издадоа брошури со совети за тоа како да се преживее војна или природна катастрофа.
МИДД, една од трите безбедносни служби на Летонија, заедно со Службата за државна безбедност и Бирото за заштита на уставот, предупреди дека руските саботери, исто така, би можеле да се обидат да поттикнат немири или да убијат истакнати поединци.
Сепак, оваа служба им советува на граѓаните дека доколку се сомневаат дека забележале саботажна група, не треба сами да се обидуваат да се справат со неа, туку да ги пријават своите сомневања во полицијата, специјалните служби или војската.