вторник, 26 ноември 2024

Судскиот совет избра петмина судии во апелациските судови во Гостивар и Штип

Судскиот совет на денешната 504-та седница ги избра Јетмир Хамзаи и Абдула Азари за судии на Апелацискиот суд Гостивар за граѓанска област и Сузана Милевска, Анита Јовановска и Љупчо Спировски за судии на Апелацискиот суд Штип за граѓанска област. 

Објавено на

часот

Сподели

Членот на Судскиот совет, Ханиф Зендели информираше дека сите петмина кандидати на кандидатската листа за избор на судии во Апелацискиот суд Гостивар ги исполнуваат условите согласно закон. Прв на кандидатската листа со 72,6 бодови е судијата Јетмир Хамзаи од ОС Гостивар, втор е судијата Абдула Азари од ОС Тетово со 70,5 бодови, трет е судијата Илир Исени од ОС Дебар со 70,49 поени, четврторангирана е Александра Палашевска со 64,2 бодови, пета е Јехона Садику со 58,9 бодови.

Потребното мнозинство гласови од Судскиот совет го добија судиите Јетмир Хамзаи и Абдула Азари – и двајцата со 13 гласа „за“ и пет гласа од припадниците на заедниците.

Претседателката на Комисијата за оценување на кандидати за судии во Апелацискиот суд Штип, Тања Чачарова-Илиевска рече дека на огласот се пријавиле шестмина, од кои еден бил одбиен поради неисполнување на условите. Во меѓувреме од останатите петмина со уредна документација, еден од кандидатите бил избран за судија во Апелацискиот суд Штип по друг оглас и конечната ранг листа се состои од четири кандидати. Прворангирана е судијката Сузана Милевска од ОС Кочани со 63 поени, второрангирана е Анита Јорданова од ОС Штип со 61,06 поени, трета е Маја Џорлева од ОС Штип со 60,18 поени и четврторангиран е Александар Цацков со 54,38 поени.

Потребното мнозинство гласови од Судскиот совет го добија судијките Сузана Милевска (13 гласа „за“) и Анита Јорданова (12 гласа „за“ и еден „против“).

Сите членови на Судскиот совет, согласно препораките за транспарентност од Оценската мисија, по гласањето го објаснија својот избор.

Судскиот совет одлучуваше и по друг оглас за избор на еден судија во Апелацискиот суд Штип од граѓанска област. Претседателот на комисијата, Селим Адеми рече дека прв е Љупчо Спировски од ОС Тетово со 72,53 бодови, втора е Александра Палашевска од ОС Скопје со 64 поени, треторангирана е Анита Јорданова (која на претходниот оглас веќе беше избрана) со 60,92 поени, следна е Маја Џорлева од ОС Штип со 60,05 поени и Александар Цацков од ОС  Штип со 54,37 поени.

Со 13 гласа „за“, Судскиот совет едногласно го избра судијата Љупчо Спировски за судија во Апелацискиот суд Штип за граѓанска област.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ