сабота, 19 октомври 2024
Судскиот совет контра министерот за правда

Судскиот совет чека од минисерот Лога да поведе иницијатива за одговорност за претседателката на кумановскиот суд

Објавено на

часот

Сподели

АКМИС системот е во надлежност на ресорното Министерство за правда, кое врши редовни и вонредни контроли на судовите. Доколку се констатирани одредени отстапувања и неправилности, министерството може да изготви извештај и да иницира соодветна постапка, велат од Судскиот совет.

„Потестуваме дека министерот за правда по функција е член на Судскиот совет без право на глас и за секоја седница добива уредни покани и доколку сака може да учествува во расправата на секоја тема. Членовите од Судскиот совет не сакаат да се впуштаат во било каква конфронтацијата со министерот, но укажуваат дека соработката треба да биде директна, конструктивна и во духот на остварување на заедничката цел, независно, професионално и отчетно судство и затоа сметаат дека е несоодветно комуникацијата да се остварува преку медиумите“, реагираат од Судскиот совет.

Министерот за правда Кренар Лога вчера го обвини советот дека пет месеци одолговлекува и не презема мерки за утврдување одговорност и санкционирање на в.д. претседателката на Основниот суд во Куманово, Снежана Манев за “констатираните злоупотреби на АКМИС системот“.

„Судскиот совет беше во работна посета на Основниот суд Куманово на 1 февруари годинава и подготви извештај во кој се констатирани низа нарушувања на угледот на судиската функција, направени се груби повреди на начелото на недеискриминација по која било основа, користење на несоодветен вокабулар, навреди и омаловажувања на вработените од страна на в.д претседателот на судот како и злоупотреба на АКМИС, што во голема мера влијае на односите и работењето на судот“, информираа вчера од Министерството за правда.
 

Оттаму наведоа дека Лога прв допис испратил на 11 април, а потоа испратил и ургенција на 22 јуни бидејќи, освен куси преписки, од Судскиот совет не добил конкретни одговори. Последната информација министерството ја добило на 29 јуни годинава.

„На 29 јуни од страна на заменик-претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели доставен беше одговор дека е изготвен дополнителен извештај кој е потребно да се разгледа на седница на Судскиот совет по што ќе нè информираат за констатираната состојба“, информираа вчера од министерството.

Комисијата за надзор над функционалноста на АКМИС-системот во судовите при Министерството за правда (МП) последниот надзор врз работата на Основниот суд Куманово го извршила на 6 јуни годинава при што го задолжила Основниот суд Куманово да започне со континуирано архивирање на предмети и итно расчистување на архивскиот простор.

Како што денеска соопштија од министерството, било констатирано дека судската архива е сместена во подрумските простории, архивирањето на предметите било завршено заклучно со 1971 година и нема континуирано архивирање на предмети.

„Овој проблем се провлекува со децении и е констатиран уште со првиот надзор кога судот бил задолжен да започне со архивирање. Претседателот на судот се задолжува да постигне договор со архивот и да се продолжи со натамошно архивирање“, се наведува во соопштението.

За време на надзорот од страна на в.д. претседателот на судот, се додава во соопштението, била истакната забелешка дека овој процес ќе биде тежок за реализација затоа што судот располагал само со двајца службеници во архивата.

„Комисијата смета дека внатрешната организација е работа на судот, а архивирањето на предметите е обврска која мора да се почитува“, пишува во денешното соопштение од правда.

А претседателката на Основениот суд Куманово Снежана Манев ги негираше обвинувањата од Министерство за правда за злоупотреби на АКМИС системот и за нарушени меѓучовечки односи во судот.

Таа вели дека Министерството за правда по извршениот надзор во февруари годинава не дал никакви забелешки за неправилности или пропусти во работењето.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ