сабота, 26 октомври 2024

Судот во Хаг му нареди на Израел да ја прекине офанзивата на Рафа

Меѓународниот кривичен суд во Хаг денеска одлучи дека Израел мора веднаш да ја прекине воената офанзива и другите дејствија во Рафа, во Појасот Газа, наведувајќи го „непосредниот ризик“ за палестинскиот народ, јавува Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Вака Хашкиот суд даде позитивна оценка на барањето на Јужна Африка да му се нареди на Израел да ја запре офанзивата на Рафа и да се повлече од Газа, дел од поширокиот случај во кој Израел се обвинува за геноцид.

Судијата Салам ја образложи одлуката со фактот дека моменталната ситуација во Газа повлекува значителни ризици од непоправлива штета за човековите права. Тој рече дека ситуацијата се променила откако судот ги издал претходните наредби и дека се исполнети условите за нови итни мерки за овој случај.

Судот му нареди на Израел да се искаже пред него во рок од еден месец и да го отвори граничниот премин Рафа со Египет за проток на поголема количина на хуманитарна помош.

Иако пресудите на МСП се правно обврзувачки, во пракса судот не може да ги спроведе.

„Нема сила во светот што би нè принудила да извршиме јавно самоубиство, затоа што тоа е тоа, да престанеме да водиме војна против Хамас“, рече портпаролот на израелската влада Дејвид Менсер.

Министрите на израелскиот кабинет се состануваат подоцна за да разговараат за пресудата, но владините претставници претходно изјавија дека ниту една сила на земјата нема да го спречи Израел да ги заштити своите граѓани и да го гони Хамас во Газа.

„Фактот што МСП дури и директно не го поврза крајот на воената операција во Рафа со ослободувањето на заложниците и правото на Израел да се брани од теророт е крајниот морален неуспех“, рече израелскиот опозициски политичар Јаир Лапид.

Палестинските власти, кои управуваат со делови од окупираниот Западен Брег и Хамас, кој управува со Газа и кој ја предизвика војната со терористичкиот напад врз Израел на 7 октомври минатата година, ја поздравија одлуката.

Сепак, Хамас вели дека повикот за прекин на офанзивата треба да ја вклучи цела Газа, а не само Рафа.

Пресудата „го претставува меѓународниот консензус за ставање крај на војната во Појасот Газа“, изјави за Ројтерс портпаролот на палестинските власти Набил Абу Рудеина. „Ја поздравуваме одлуката на Меѓународниот суд на правдата, кој бара од бруталниот ционистички ентитет да ја запре агресијата врз нашиот народ во градот Рафа“, додаде портпаролот на Хамас.

Мала група пропалестински демонстранти се собраа пред судот, повикувајќи на слободна Палестина.

МСП е највисокото тело на ОН за спорови меѓу државите. Неговите одлуки се конечни и обврзувачки, но често се игнорираат. Судот нема овластување насилно да ги спроведе.

Одлуката на судот, сепак, може да резултира со поголем дипломатски притисок врз премиерот Бенјамин Нетанјаху.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ