петок, 1 ноември 2024

Судот го одложи разгледувањето на исплатите на Маск од милион долари на гласачите

Милијардерот Илон Маск не се појавил денес на сослушувањето на судот во Пенсилванија поради исплатите од милион долари на регистрирани гласачи за американските претседателски избори на 5 ноември кои ќе потпишат одредена петиција, а судот одлучи да не се бави со тој случај додека виш сојузен суд не одлучи дали ќе го преземе.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Маск, поддржувач на републиканскиот кандидат Доналд Трамп, на чии митинзи некогаш гостува, повикот за сослушувањето го добил ден претходно.

Судот требало да го разгледува барањето на окружниот обвинител за Филаделфија Лари Краснер да ги сопре исплатите на Маск на регистрираните гласачи на помалку од една недела пред изборите меѓу Трамп и кандидатката на демократите Камала Харис.

Пенсилванискиот судија заклучи дека нема да почне да го разгледува случајот на окружниот обвинител додека за тоа прашање не се изјасни сојузниот суд кој би можел да го преземе случајот.

Тоа му овозможува на Маск да продолжи со давањето пари на гласачите бидејќи случајот нема да биде решен до изборите во вторник.

Краснер, кој заговарал прогресивни цели кога се кандидирал за окружен обвинител, го обвинува извршниот директор на Тесла Маск, како и неговиот одбор за политичко дејствување Америка ПАК, дека смислиле „незаконска шема на лотарија за да влијаат на гласачите“.

Маск сака да го префрли процесот на сојузен суд, што е тактика за одложување која му овозможува продолжување на исплатите.

Во документот до судот најбогатиот човек во светот вели дека Краснер отвора прашања за слободата на говорот и мешање во изборниот процес, што се теми за сојузен суд.

Маск им дава чекови од милион долари на случајно избрани Американци кои ќе ја поддржат петицијата за поддршка на слободата на говорот и правото на поседување оружје.

Можат да учествуваат само регистрирани гласачи во една од седумте клучни држави за конечниот исход на изборите на 5 ноември – Аризона, Џорџија, Мичиген, Невада, Северна Каролина, Пенсилванија и Висконсин. Маск првиот чек го врачи на 19 октомври на собир во Харисбург, главниот град на Пенсилванија.

Краснер тврди дека Маск спроведува нелегална лотарија која ги крши правата на потрошувачите бидејќи користи залажувачки информации. Државниот обвинител истакнува дека Маск и организацијата Америка ПАК не објавиле јасни правила за тоа натпреварување и дека не назначиле како ги штитат личните информации на гласачите.

Дел од правните експерти тврдат дека лотаријата на Маск потенцијално ги крши федералните закони кои забрануваат плаќање за гласање.

Друг дел тврди дека тоа не е така бидејќи Маск бара само потпишување на петицијата за учество во наградната игра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ