сабота, 19 октомври 2024

Судењето против судијата Шахини кој на роднини незаконски им вратил плажи во Струга влегува во завршница

Објавено на

часот

Сподели

Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во декември 2019 година поднесе обвинение против Шахини за злоупотреба на службена положба и овластување.

Според обвинителството тогаш, судијата Шахини кој до крајот на 2007 година работел како адвокат, застапувал свои роднини во предмет во кој се расправала оставинска постапка за градежно неизградено земјиште во Струга. Иако судот претходно одлучил да биде исплатен надомест за експропријација, Шахини повел постапка и пред Комисијата за одлучување по барањата за денационализација. Во меѓу време Шахини беше избран за судија во Управниот суд во кој неговите роднини поднеле жалба затоа што Комисијата за денационализација не им дала одговор на жалбата. Предметот му бил доделен токму на судијата Шахини кој требало да одлучува за своите роднини. Станува збор за атрактивна локација покрај струшкото крајбрежје.

„Од 10.09.2018 до 24.01.2019, обвинетиот, како службено лице судија, постапувајќи спротивно на законските одредби, го земал предметот да го работи, иако знаел дека како поранешен адвокат на тужителите не смее да постапува и е должен да се изземе од постапувањето по однос на тужбата. Но, тој не ја прекинал работата врз предметот и не го известил Претседателот на Управниот суд за конфликтот на интереси. Притоа, иако поднесената тужба била неуредна, обвинетиот не го повикал тужителот да ги отстрани недостатоците, ниту пак ја отфрлил тужбата, туку продолжил да постапува по неа. Преземајќи дејствија во предметот, оневозможил Државното правобранителство како заинтересирано лице да се вклучи во управниот спор и да преземе мерки и правни средства за правна заштита на имотните права и интереси на државата“, пишува во обвинението.

Поради ова, Судскиот совет во октомври 2020 година му го одзеде имунитетот и го разреши Шахини од функцијата судија во Управниот суд но не дозволи тој да заврши во притвор.

Иако првично судењето за Шахини требаше да започне на почетокот на февруари 2021 година сепак тоа беше одлагано до мај минатата година.

На денешното рочиште првите завршни зборови треба да ги даде обвинителството по што ќе следува и одбраната на судијата Шахини.

Според кривичната постапка, откако ќе бидат дадени завршните зборови судијката Ленка Давиткова ќе треба да закаже изрекување на пресудата.

                                                                                                                                            И.О.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ