понеделник, 18 ноември 2024
За време на пописот на населението во Албанија

Стерјовски: МАЕИ писмено реагира до албанската држава за секој бугарски обид за асимилација

Македонска алијанса за европска интеграција – МАЕИ ревносно ги бележи сите случаи на директно и индиректно влијание врз Македонците на пописот во Албанија да се изјаснат како Бугари и ќе биде подготвен целосен извештај за незаконските постапки на бугарски државни и недржавни претставници и лица кои вршат обиди за асилмилација на автохтоното македонско население, велат во МАЕИ, македонска партија во Албанија за МКД.мк.

Објавено на

часот

Сподели

Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ, кој беше и пратеник во албанскиот парламент, за МКД.мк потврдува дека како партија ќе дејствуваат низ институциите на системот и очекуваат соодветна законска реакција на албанската држава.

„Како партија реагираме писмено во континуитет до албанските институции и до странските амбасади за сите притисоци околу пописот. На крајот од пописот и ќе објавиме се што сме реагирале“, ни изјави Стерјовски.

Пред два дена македонското друштво Илинден-Тирана побара од властите на Албанија бугарскиот државјанин Виктор Стојанов, претседател на Фондацијата „Македонија“ од Бугарија, да го прогласат за персона нон грата. Тој принудувал Македоци да се изјаснуваат како Бугари. Инаку, Стојанов е познат по агресивните обиди се што е македонско да се прикаже како бугарско, а поради предизвикани инциденти нему му беше забранет влез во Македонија.

д

Но, македонските здруженија реагираа и на активностите на бугарскиот амбасадор кој речиси и да не застана во обидите да влијае врз Македонците да се изјаснат на пописот како Бугари. Тој беше и во селата во Мала Преспа, како и во Голо Брдо, а македонските здруженија и партијата МАЕИ забележаа дека тој делел мобилни телефони и таблет уреди како поткуп и се заканувал дека на тие лица што нема да се изјаснат како Бугари ќе им бидат одземени бугарските пасоши кои, како што велат од здруженијата, ги добиле заради економски причини, да заминат во Западна Европа на работа за да им испратат пари на своите сиромашни семејства.

И македонските здруженија делуваат на терен, укажувајќи им на луѓето дека никој не смее да врши влијание врз нивните национални и верски чувства и дека пописната операција е тајна и дека никој не може да дознае како тие се изјасниле.

с

Извештајот на МАЕИ сигурно нема да биде краток. Веројатно ќе започне уште од тридневните активности на бугарската потпретседателка Илиана Јотова која непосредно пред стартот на пописните активности отиде во посета на Албанија. Нејзиниот избор беше да посети села во Голо Брдо, каде според проценките има над 100 илјади Македонци, но кои во досегашните пописи немале можност да се изјаснат според националната припадност, зашто и немаше таква графа. Можност досега имаа само жителите на селата од Мала Преспа како и од селото Врбник, кое важи за единственото егејско село. А, Македонци, околу 20 илјади живеат само во Тирана, и вкупно уште толку во Корча, Елбасан, Драч и други поголеми градови.

Со други зборови, македонската популација во Албанија е многубројна и речиси и да нема град во Албанија каде нема да сретнете луѓе кои говорат архаичен македонски јазик.

Јотова отвори неделно училиште на бугарски јазик во Елбасан и беше присутна во Голо Брдо на почетокот на учебната година која во Албанија започна на 14 септември. Во Острени тогаш и се отвораше исто така неделно училиште.

Од МАЕИ и тогаш реагираа.

„Најавата за отворање на училишта на бугарски јазик не е ништо друго туку само продолжение на активностите на бугарските власти за асимилација на нас, Македонците во Голо Брдо. Добив покана од администраторот на Острени да учествувам на отворањето на некакво училиште во Острени, но одбив“, изјави тогаш Едмонд Османи, потпретседател на МАЕИ.

Инаку, во списокот на националности кои живеат во Албанија од 2017 година е запишано и бугарското иако непостоечко. Имено, Бугарија ги искористи евроинтеграциските аспирации на Албанија и преку своите механизми како членка на ЕУ во парламентот помина и таквата одлука. Без оглед што албанската статистика вели дека во државата не живее ниту едно лице со бугарско национално чувство.

ЕУ и во случајот со Македонија е искористена од страна на Софија во македонскиот Устав да се внесе бугарската етничка заедница која брои малку повеќе од три илјади лица, од кои за најголемиот дел бугарскиот јазик не е мајчин и не го зборуваат. Постапката за уставни измени е започната и паузирана поради тоа што нема двотретинско мнозинство во Собранието на Македонија за овој услов на Бугарија да помине.

                                                                                                                П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ