Во соопштението на Вишиот суд во Краљево, се наведува дека вонсудскиот совет им го укинал притворот на косовските полицајци по покренувањето на постапката и по поднесувањето на обвинението од страна на вишиот јавен обвинител во Краљево.
„По спроведената претходна постапка и поднесениот обвинителен акт од страна на Вишото јавно обвинителство Краљево против осомничените Б.С., Р.З. и Ш.М. поради по едно кривично дело недозволено производство, држење, носење и тргување со оружје и експлозивни материи од чл. 348 ул. 4. во врска со ст. 2 во врска со ст. 1 од Кривичниот законик, вонсудскиот совет на Вишиот суд во Краљево го потврди обвинението против горенаведените обвинети и донесе решение со кое им го укинува притворот на обвинетите“, се вели во соопштението на Вишиот суд во Краљево.
За кривичното дело за кое се товарат е предвидена казна затвор до 12 години.
Србија тврди дека косовските полицајци биле уапсени во униформи и со оружје на територијата на Србија, додека Приштина тврди дека тоа било на територијата на Косово.
Косовскиот премиер Албин Курти побара итно ослободување на полицајците.
Исто така, многу претставници на меѓународната заедница, меѓу кои и од САД и Велика Британија, побараа од Србија веднаш да ги ослободи полицајците.
Курти потврди дека тројцата припадници на косовската специјална полиција што претходно беа уапсени длабоко на територијата на Србија се ослободени од притвор.
„Потврдуваме дека тројцата киднапирани полицајци се ослободени. Иако сме среќни што се вратија кај семејствата, ова киднапирање е сериозно кршење на човековите права и мора да има опомена. За агресијата на српската страна мора да се одговара“, напиша Курти на Твитер.