Претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски, вели дека со оваа постапка се прекршува колективниот договор на Министерството за одбрана, Законот за работни односи и Конвенциите потпишани од државата со Меѓународната организација на трудот.
„Министерката за одбрана јавно изјави дека членарината е сопрена од страна на секторот за финансии во Министерството за одбрана, но не кажа дека токму тие намерно се ставени во заблуда со незаконските постапки на седум вработени во Министерство за одбрана, кои направија фалсификат и лажно се претставуваат и за кои синдикатот поднесе кривична пријава до Основото јавно обвинителство (ОЈО). Затоа апелираме до ОЈО Скопје брзо да реагира и да се разгледа кривичната пријава против овние кои направиа хаос во Министерството за одбрана“, рече Насковски.
Посочи дека зголемено е незадоволство кај професионалните војници, поради како што рече, недостигот на социјален дијалог со работодавецот за решавање на статусот на професионалните војници и игнорирањето на нивните барања.
Главно барање на синдикатот, вели Насковски, е измена и дополнување на Законот за служба во АРМ со цел професионалните војници да имаат можност за пензионирање по принципот на некои НАТО земји, каде што професионалните војници се пензионираат и на 45 години, како и барањето за трансформирање на работниот однос на неопределено време, бидејќи како што рече, професионалните војници продолжуваат договори на определено време цели 25 години.
„Ако нема решение за овие наши барања и одблокирање на синдикатот, во наредниот период професионалните војници ќе излезат на протест пред Владата. По испраќањето на поканата за денешниот прес добивме покана од министерката за состанок во вторник во 10 часот, од исходот на средбата ќе зависат следите чекори на синдикатот и медиумите ќе бидат благовремено известени за сѐ што е договорено“, рече Насковски.