вторник, 16 јули 2024
Анализа

Со „нарачани вештачења“ се одолговлекуваат постапките за сообраќајки со жртви

Објавено на

часот

Сподели

Резултатите од истражувањето навистина отвораат очи, обелоденувајќи дека и судиите и јавните обвинители имаат тенденција надворешните ризици да ги сметаат за позастапени и ги идентификуваат пристрасните судски вештачења како највисок ризик од корупција.

Судиите ја препознаваат злоупотребата на процесните права од страна на адвокатите и нискиот квалитет на обвинителните акти како значителни ризици од корупција, додека јавните обвинители изразуваат загриженост поради недоволната соработка меѓу јавното обвинителство и другите истражни органи, како и за злоупотребата на процесните права од страна на адвокатите.

Во споредба со истражувањето вклучено во правната анализа на ОБСЕ „Независност на правосудството” од 2009 година, податоците од истражувањето од оваа Проценка прикажуваат пораст на обидите да се влијае на судиите од страна на нивни колеги судии, од судиите од повисок ранг и членовите на Судскиот совет, додека има извесно намалување кај обидите за влијание од претставниците на извршната власт. Понатаму, и судиите и јавните обвинители изразија значителна недоверба во работата на своите Совети, при што три од четири судии вклучени во истражувањето посочија дека не веруваат дека Судскиот совет успешно ја штити судската независност, додека над половина од испитаните јавни обвинители посочуваат дека не веруваат дека Советот на јавни обвинители ги донесува одлуките самостојно и независно. Кога се проценуваат нивните услови за работа, половина од судиите изразија задоволство со работата на стручните соработници, додека јавните обвинители, во споредба со судиите се позадоволни со работата на своите стручни соработници. Сепак, и судиите и јавните обвинители се подеднакво незадоволни од техничките ресурси што ги имаат на располагање.

„Значителен дел од судиите и јавните обвинители не се чувствуваат безбедно во нивниот секојдневен приватен живот или на своето работно место. 51 Севкупно, Проценката на ризиците од корупција во правосудството е клучен чекор кон препознавање на и справување со ризиците од корупција и институционалните ранливости во правосудството на Република Северна Македонија. Наодите на оваа Проценка може да го поплочат патот за напорите да се спречи корупцијата и да се промовираат транспарентноста и отчетноста во правосудниот систем“, покажуваат резултатите од овој стратешки документ.

Прашалникот од испитувањето ги повика судиите да евалуираат 36 потенцијални ризици од корупција врз основа на нивното присуство и ефект врз постапувањето и непристрасноста на судиите во судовите во кои работат.

Покрај тоа што беше рангирано како највисок ризик од корупција, изготвувањето на соодветни вешти наоди и мислења од страна на вештаците, беше исто така идентификувано како значајно проблематично прашање во текот на нашите интервјуа.

Испитаниците ја критикуваа работата на вештаците и во кривичните и во граѓанските постапки, зборувајќи за контрадикторни вештачења и тенденција да одат во полза на страната што ги ангажирала.

На пример, во кривични предмети за сообраќајни незгоди што резултирале со смртен исход, одбраната често понудува вештачење што значително се разликува од она на вештаците ангажирани од јавното обвинителство. Овие „нарачани вештачења“ може значително да ги одолговлечат и да влијаат врз кривичната или граѓанската постапка. Кога судиите се соочуваат со спротивставени вештачења, тие мора да наредат и „супервештачење“ спроведено од конзилиум од тројца вештаци ангажирани од судот. Дополнително, вештаците може да одбијат или да го одложат финализирањето на мислењето поради доцнење на плаќањето од страна на јавното обвинителство или судот. Ова непотребно одолговлекување на кривичните постапки, особено во случаите од јавен интерес отвора сомнежи за потенцијално коруптивно однесување, зашто вештачењата често се клучен доказ“, се додава во оваа анализа.

Немањето надзор и делотворни реперкусии за нестручното и несовесно однесување на вештаците ја истакнува потребата од поделотворна регулатива и контрамерки.

Рангирањето идентификуваше четири надворешни ризици од корупција што се однесуваат на работењето на адвокатите и јавните обвинители: злоупотребата на правата од страна на адвокатите за да се одолговлекуваат кривичните или граѓанските постапки, што може да води до несоодветно влијание и корупција; нискиот квалитет на обвинителните акти, што може да има влијание врз кривичните постапки и строгоста на санкциите, неетичкото однесување на адвокатите и блискоста помеѓу јавните обвинители и адвокатите која може да ја поткопа довербата на јавноста во однос на правичноста на постапката.

На пример, испитаниците забележаа дека е познато дека некои адвокати ги замајувале своите клиенти со ширење лажни гласини за корумпирани судии што треба да се поткупат за да донесат поволна пресуда. Во некои случаи, адвокатите дури побарале од своите клиенти дополнителни средства за наводно да ги поткупат судиите, иако парите никогаш не стасале до наводниот примател, а за предметот се решавало непристрасно.

Судиите ја рангираа злоупотребата на системот АКМИС од страна на адвокатите во граѓанските предмети како седми најзначаен ризик од корупција. Овде спаѓа поднесување повеќекратни граѓански тужби за истиот предмет, сѐ додека тој не се распредели кај судија за кого се перципира дека е поверојатно да донесе поволна пресуда.

Главен внатрешен ризик од корупција што го идентификуваа судиите се однесува на влијанието што го остваруваат претседателите на судовите преку Годишниот распоред на работа за судиите.

Овој распоред се користи од страна 59 на претседателите на судовите за судиите да се прераспределат од еден во друг оддел на судот по потреба и иако служи како менаџерска алатка за подобро да се организира работниот процес, сепак постојат наводи за злоупотреба од страна на определени претседатели.

Конкретно, во минатото имаше случаи на ад хок промени на годишниот распоред, како резултат на што на определени судии им се доделуваа предмети од висок јавен интерес. Правната заедница се ангажираше во дебата во врска со ваквата злоупотреба речиси седум години откако министерот за правда го покрена ова прашање во врска со Кривичниот суд Скопје, и разочарувачки е да се забележи дека ова останува најприсутен внатрешен ризик што го идентификуваа судиите.

Во завршниот дел од истражувањето, судиите биле прашани за нивното севкупно работно опкружување, зашто факторите како управувањето со човечките ресурси, личната безбедност, општествениот статус и платата може значително да влијаат на нивото на интегритет или корупција, особено во опкружување подложно на несоодветни влијанија, недоследни стандарди и непостоење на непристрасна и воедначена примена на правото.

Во поглед на севкупните услови за работа, значителен дел од судиите (51 %) изразуваат незадоволство со можностите за напредување во кариерата и за личен професионален развој.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ