петок, 18 октомври 2024

Со изложбата на дела затворена 37. Меѓународна ликовна колонија „Св.Јоаким Осоговски“

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Здружението Меѓународна ликовна колонија „Св. Јоаким Осоговски“ Стевче Ристовски се заблагодари за континуираната поддршка од надлежните институции, Министерството за култура, што колонијата ја вбројува во годишната програма од национален интерес, Општина Крива Паланка, со интегрирање на манифестацијата и изложбата во програмата на „Кривопаланечко културно лето 2023“ и МПЦ -ОА, Кумановско-осоговска епархија.

„Оваа реномирана повеќедецениска манифестација за време на одржувањето ги промовира општината и македонската уметност и култура, размената на културите е сеприсутна, па освен што секој уметник остава белег и печат на културата од земјата од која потекнува, сепак, оттука ги понесува впечатоците и ја дисперзира и нашата, македонска култура и традиција“, рече Ристовски.

Колонијата, како што посочи, истовремено придонесува и за културен туризам и наша промоција во меѓународни рамки, а само оваа година сведоци сме на повеќе организирани туристички групи што беа во посета на манастирот и колонијата и тоа, од Австралија, Хрватска, Бугарија и Словенија.

Изложбата ја прогласи за отворена секретарот на Општина Крива Паланка, Мартин Николовски, кој рече дека чест е да се биде дел од завршниот настан на манифестацијата на која творат еминентни ликовни уметници од различни европски држави.

„Во овој прекрасен амбиент секој човек пронаоѓа инспирација и порив за своето творештво, па така и годинашната лепеза на дела е уникатна. Искрено очекувам дека сите вие ќе понесете пријатни спомени и искрени емоции, кои ќе ве врзуваат со ова место и со оваа манифестација и дека повторно, во годините кои доаѓаат, ќе бидете составен дел од неа. На организаторите им честитам на долговечноста на манифестацијата и посакувам уште низа години оваа колонија да ги обединува ликовните уметници од целиот свет, како што тоа го прави досега“, рече Николовски.

Изложбата во текот на 2023 година ќе биде поставена и во повеќе градови низ државата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ