Владата, оцени Мицкоски, не одговара на современите текови, а и образовнието не дава одговор на потребите на пазарот и на сегашноста.
Според ВМРО-ДПМНЕ, образложи партискиот лидер, претшколската едукација (градинките) треба да се врати каде што припаѓа, во рамки на Министерството за образование, а Министерството за труд и социјална политика треба да се занимава со демографијата и младите. Делот „труд“, пак, рече Мицкоски, од сегашното ресорно Министерство треба да се префрли во Министерството за економија каде работодавачите и работниците ќе комуницираат директно и заеднички ќе креираат политики и ќе ги решаваат недоразбирањата.
Мицкоски во оваа прилика изнесе информации дека ДУИ и СДСМ намерно прават хаос само за да нема учебници од 1 септември, за потоа да можат за тоа да ја обвинат ВМРО-ДПМНЕ која ќе формира, како што рече, Влада по изборите.
„Според информациите што ги имаме, СДСМ и ДУИ знаат дека ќе бидат поразени на изборите и дека ќе си заминат, па се обидуваат да остават тотален хаос за на 1 септември во учебната 2024/2025 година повторно дел од учениците да не добијат учебници и за потоа да излезат и да кажат, „ете, гледате што се случува“. Но, ние ќе дадеме се од себе да го надминеме проблемот како што го правиме тоа сега со патните исправи. Два до три пати е сега подобра состојбата од времето на Оливер Спасовски. Така ќе дадеме се од себе во однос на учебниците, да не се случи во 2024/2025 да нема учебници, но сигурно тоа нема да се случи во 2025/2026 година. Тоа е мојата порака до граѓаните – ова ни го прават, сакаат да остават тотален хаос, ни книги ни учебници да бидат подготвени, за да кажат дека сите сме исти. Не, не сме сите исти, од едната страна е понудата на Ахети, Османи, Груби, Зечевиќ, Маричиќ, а од другата страна се ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот план за развој на државата“, истакна Мицкоски.
Образованието, додаде, треба да биде организарно според принципот на најосновното ниво на организација што нзачи комплетен процес од почеток до крај.
„Образовнието како целина не дава одговор на потребите на пазарот, но и на сегашноста. Се помалку има визија за иднината, како да влеговме во циклус на инерција, од денес за утре, сѐ помалку има наука, многу земји организираат саеми ‘студирајте во Германија, во Словенија’, а ние како да немаме одбранбен механизам. Има многу образовни институции кои не генерираат квалитет, туку квантитет и тој пристап е многу погрешен. Треба да се позанимаваме со нив, дали ни се потребни во некој фела илјадници луѓе и дали од нив пазарот на труд вистински има потреба? Треба сериозно да се зајакне политиката во високото образование, но и да се работи на мотивација на наставно-образовниот кадар. Нашиот предлог е, на секој наставно-образовен кадар што ќе објави труд во списание со импакт фактор, кое е дел од идексираната дата база ‘Веб оф сајнс’, државата да му даде дополнителни 50 отсто плата секој месец. Ако зема 60.000 денари, наредната година по онаа кога ќе го објави трудот, да зема 90.000. Така, на тој начин, секој што ќе се занимава со наука, ќе биде и награден“, подвлече Мицкоски.
ПН:
Јаневска: Децата ќе учат нешта кои им се потребни за животот, ќе се прилагодуваат наставните програми во гимназиското образование, а ќе се отворат и три регионални центри за средно стручно образование
„Децата во новиот систем на образование ќе научат нешта кои им се потребни за животот. Ќе се запознаваат со тоа што е претприемништво, демократија, што е тоа општество, различни култури, ќе почитуваат традиции. Ќе научат како да носат одлуки значајни за нивниот живот, како да решаваат проблеми на мирен и конструктивен начин. Децата ќе научат како да планираат домашен буџет, како да менаџираат со своето време. Ќе им го понудиме се она кое што досега го немале, а го има во ЕУ, каде што ние се стремиме да одиме, односно кој квалитет сакаме да го постигнеме“, истакна Весна Јаневска, претседател на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ на денешната дебата „Образовна платформа за иднина“ на тема „Нов концепт за развој на образованието“.
Јаневска дополни дека ќе се посвети акцент и на вон наставните активности во зависност од афинитетите на учениците.
„Учениците од прво до четврто ќе имаат целодневна настава, а од петто до деветто тие ќе имаат едносменска настава, за да можат се ова кое што го зборуваме да можат да го остварат во училиштето. Се што треба ќе биде заокружено во тој период. За оние деца кои покажуваат посебни афинитети кон науката и образованието и се истакнуваат со своите таленти ќе направиме напредни програми и тие деца освен базата која што ќе ја стекнуваат како сите други, ќе добиваат ментори со кои ќе ги развиваат своите таленти“, дополни Јаневска.
Таа потенцираше дека ќе се прават и соодветни инфраструктурни инвестиции во зависност од тоа што е неопходно да се направи во одредени училишта.
„За да преминат во средно образование децата ќе добијат советување од страна на наставниците и стручните служби. Стручните служби ќе бидат докомплетирани и тие ќе ја работат својата педагошка и психолошка работа во училиштата. Ова кариерно советување ќе им помогне и на родителите. Во гимназиското образование наставните програми не се променети 20 години и истите ќе бидат променети и прилагодени. Ќе го поддржуваме и средностручното образование и дуалното образование, согласно потребите на пазарот на труд. Ќе отвориме уште три регионални центри за средно стручно образование, за децата да имаат рамноправни можности да пристапат кон образовниот процес и потоа на пазарот на трудот“, истакна Јаневска.
ВМРО-ДПМНЕ во својата програма предвидува и издвојување на 1 отсто од бруто домашниот производ (БДП) за наука, со што ќе создаде финансиска самодоверба на младите и развиени научници да се едуцираат. Освен ова од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека децата ќе учат нешта кои им се потребни за животот, ќе се прилагодуваат наставните програми во гимназиското образование, а ќе се отворат и три регионални центри за средно стручно образование, концепт кој што ќе подразбира соработка со универзитетите, научните институти, МАНУ притоа почитувајќи ја уставно загарантирана автономија и законите. Освен ова, од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека „кога ќе формираат Влада сите просветни работници ќе земаат плата според колективен договор.