сабота, 26 октомври 2024

Случајот со судијата Георгиев и членот на СЈО Мемети на врвот на „барометарот на корупција“

„Матно – бистро“, месечниот барометар на коруптивни однесувања и на борбата со корупцијата на Транспаренси интернешнл-Македонија на врвот на матни настани го стави случајот со сомнежите за поткуп на врховниот судија Наќе Георгиев и заменик претседателот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети. Следуваат случаите со Академијата за судии и јавни обвинители, потоа распределбата на спортски ваучери и неспојливоста на владината со пратеничката функција.

Објавено на

часот

Сподели

Во матните настани Транспаренси интернешнл Македонија ја третира како првостепен случај истрагата против врховен судија и против член на Советот на обвинители под истрага за примање поткуп.

„Активен врховен судија е уапсен поради примање поткуп, а претрес е извршен и во канцеларијата на член на Советот на јавни обвинители поради поврзаност со истото дело. Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му одреди 30 дена притвор на врховниот судија Наќе Георгиев, откако тој беше уапсен поради наводно примање поткуп од 10.000 евра, односно за делото примање награда за противзаконито влијание. Сомнежите се дека Иџет Мемети заедно со Наќе Горгиев имал влијание злоупотребувајќи ја позицијата член на Советот на јавни обвинители во случајот барање на мито за олеснителни околности за ексградоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, познат како Боро Марлборо“, пишува во извештајот.

Транспаренси интернешнл Македонија како второрангиран случај наведува дека Државната комисија за спречување на корупција – ДКСК покрена иницијатива за утврдувањне одговорност за директорката и за Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители.

„Антикорупциската комисија информираше дека покренува иницијатива до сите надлежни институции за утврдување на одговорност за директорката и Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители поради прекршување на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, како и на Изборниот законик. Надлежните институции имаат рок од 60 дена да ја разгледаат и да постапат по оваа иницијатива“, се потсетува во извештајот.

Потоа во матните настани е наведен случајот со поднесено обвинение за распределбата на спортските ваучери против 12 лица.

„Обвинителниот предлог е по иницијатива на Антикорупциската комисија која лани во февруари соопшти дека постојат сомневања дека директорот на Агенцијата за млади и спорт и членовите на Централната комисија за доделување на ваучерите во 2020, 2021 и 2022 година ја искористиле службената положба и спротивно на законите извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.  Во овој случај Мојсоски, Каевски и Димевски ќе се јавуваат во суд, но ќе ги задржат пасошите.  Делумни мерки на претпазливост добија актуелниот и претходниот директор на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски и Дарко Каевски, како и првиот човек на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски и уште 9 лица кои се обвинети за злоупотреби со доделувањето на спортските ваучери. Кривичниот суд им наложи на сите 12 обвинети еднаш неделно да се јавуваат кај определено службено лице во судот“, се потсетува во извештајот на Транспаренси интернешнл Македонија.

Свеж е и случајот со техничкиот премиер Талат Џафери и техничкиот министер за здравство Илир Демири, кои иако се избрани за пратеници и нивниот мандат е верифициран, тие уште ги задржуваат владините фуннкции. Во матните настани Транспаренси интернешнл наведува дека Антикорупциска комисија до избраните функционери им порача дека функцијата претседател на влада и функцијата министер е неспојлива со вршење други јавни функции.

„Уставот и законите треба подеднакво да важат за сите граѓани на државата, вклучувајќи ги и актуелните, но и претходните функционери, поради што се повикуваат лицата кои се на највисоки државни функции и вршат јавни овластувања, на обврската за почитување на начелата за законитост и интегритет, соопштија од антикорупциска. Воедно, истото претставува прекршок за кој согласно законот за спречување на корупција и судир на интереси се изрекува прекршочна санкција“, се вели во извештајот во делот на матни настани.

На оваа листа на матни настани е и согледувањето на Државниот завод за ревизија според кое државата недомаќински управува и стопанисува со државниот недвижен имот.

„Законската регулатива не создава услови, а активностите на надлежните институции не обезбедуваат ефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот – станбен и деловен имот, соопштија од Државниот завод за ревизија (ДЗР), којшто изврши ревизија на успешност на тема ‘Управување со државниот имот’ со цел да се даде одговор на прашањето ‘Дали надлежните институции управуваат и стопанисуваат со државниот недвижен имот – деловни и станбени објекти на државата на ефикасен начин?’ Како што се посочува во соопштението од ДЗР, со ревизијата е оценето дека постојната законска регулатива, мерките и активностите кои се преземани од Владата и другите надлежни институции не овозможуваат ефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот – деловни и станбени објекти на државата.

И лошиот третман кон затворениците и корупцијата и натаму е проблем во македонските затвори, апелира Советот на Европа, а се потсетува во овој извештај.

„Во казнено-поправните установи во Македонија се направени подобрувања во однос на хигиената и состојбата во ќелиите, но и натаму е непроменет третманот кон лицата лишени од слобода од страна на полицијата и присутна е корупцијата меѓу затворскиот персонал, се посочува во најновиот Извештај на Европскиот комитет за спречување на тортура и нехумано или понижувачко постапување или казнување при Советот на Европа. Условите, како што се наведува во извештајот, се влошуваат и поради широко распространетата корупција и фаворизирање на одредени затвореници од страна на персоналот со што се поткопува правилното функционирање на установата“, се наведува во овој барометар на Транспаренси интернешнл Македонија.

Во „бистрите“ настани е наедена кривичната пријава против поранешен директор на ПИОМ и уште две лица кои го оштетиле државниот Буџет за над 614 илјади евра.

За одбележување е и случајот кога двајца странци пријавиле двајца македонски полицајци кои им барале поткуп и се нагласува дека против нив е поведена дисциплинска постапка против двајца полицајци откако странски државјани ги пријавиле дека им барале поткуп.

Исто така во бароматерот „Матно – бистро“ е наведена и кривичната пријава против дидиректорката на едн средно училиште во Делчево за несовесно работење, односно за потрошени пари над лимитот без транспарентна постапка за набавка на стоки и услуги.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ