среда, 20 ноември 2024

Скопската гимназија „Никола Карев“ прво пет френдли училиште во Македонија

Скопската гимназија „Никола Карев“ со утрешната промоција на Пет френдли училиштен клуб станува првото пет френдли училиште во Македонија. Вдомено е локалното куче Коста кое доби куќичка во дворот на гимназијата, а подготвени се уште четири куќички за други локални кучиња. На  настанот ќе присуствуваат претставници од Факултетот за ветеринарна медицина, од ЈП Лајка, како и од невладините организации за заштита на животните.

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за хуманитарен настан, утре во 12 часот во дворот на гимназијата, за помош на бездомните животни, зад чија организација стојат ученици и професори од гимназијата.

За бездомните животни ќе може да се донираат храна, ќебиња, играчки и други работи, а дополнително ќе биде организиран хуманитарен базар каде ќе се продаваат разни рачни изработки. Исто така, овој настан ќе биде можност да се разговара за многуте прашања поврзани со заштитата и грижата за бездомните животни како и за проблемите што скопските населби ги имаат со кучињата скитници.

Од гимназијата велат дека новинарите ќе имаат можност да се запознаат со Коста, – омиленото куче меѓу учениците, кому училиштето „Никола Карев“ му стана дом. Коста за својата куќичка ќе добие топли прекривки и храна. По желба, велат од гиманзијата, ќе може да се организира „интервју“ со Коста.

„Спаси живот, вдоми љубов“, е мотото на гимназијата „Никола Карев“, првото пет френдли училиште, а учениците велат: „Во училницата на животот, сите добиваме најдобри оценки кога делиме љубов“.

Настанот е вовед во големиот јубилеј на гимназијата „Никола Карев“ – 80 години постоење.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ